Нашата порака е јасна – криминалот не смее и нема да биде исплатлив. Со системски пристап, силни институции и јасна одговорност ќе создадеме услови нелегално стекнатиот имот да биде идентификуван, одземен и вратен во функција на општеството. Како Министерство за финансии, ќе придонесуваме овој совет да биде активен, функционален и ориентиран кон резултати – изјави министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во обраќањето на конститутивната седница на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот.

– Со формирањето Национален совет за финансиски истраги и конфискација на имот државата прави јасен чекор од декларативна определба кон засилен и структуиран систем на одговорност, координација и резултати. Министерството има централна улога во овој процес бидејќи финансиските истраги и конфискацијата на нелегално стекнатиот имот не се прашања на безбедност и правда, туку и прашања на фискална стабилност, интегритет на финансискиот систем и доверба на институциите. Нашата надлежност е повеќеслојна и опфаќа клучни институции, кои директно се вклучени во откривање, следење и спречување незаконски финансиски текови, како што се Управата за финансиска полиција, Царинската управа, системот за спречување и перење пари, како и финансирање тероризам – рече Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека целта е функционална правна рамка, која овозможува брзи координирани истраги што даваат резултати во согласност со европските стандарди и обврските од реформската агенда.

– Во изминатите години Управата за финансиска полиција значително го интензивира своето работење со јакнење јасни и видливи резултати. Од девет финансиски истраги во 2022 година, 17 во 2023 година, десет истраги во 2024 година, веќе во 2025 година се направи јасен исчекор – почнати се 58 финансиски истраги со опфат на речиси 400 физички лица и 95 правни лица. Од нив, 33 истраги веќе се завршени, а другите се во тек – информира таа.

Потсети дека паралелно, во рамките на Законот за конфискација на имотот во граѓанска постапка, Управата за финансиска полиција постапувала по иницијативи на јавните обвинителства, при што била обезбедена судска мерка за имот во вредност од над 33 милиони денари, што, потенцира таа, јасно покажува дека финансиските истраги не се само постапки, туку водат кон реална конфискација и заштита на јавниот интерес.

– Посветени сме на градење инстиционални капацитети, финансиските истраги бараат високоспецијализирани знаења, техничка опременост и аналитички алатки. Затоа стратегијата предвидува систематско кадровско зајакнување, етапно техничко опремување и дигитализација на специјализираните единици во рамките на институциите под наша надлежност. Свесни сме дека борбата против организираниот криминал не познава граници. Затоа Министерството за финансии активно работи на јакнење на меѓународната соработка, особено со агенциите на ЕУ – Европол, Евроџаст, ОЛАФ, со што се обезбедува размена на информации, искуства и добри практики. Формирањето на Националниот совет е токму одраз на свесноста дека и најдобрата стратегија останува само документ доколку нема силен механизам за следење, координација и политичка поддршка за нејзината имплементација – истакна министерката.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошкоски посочи дека државава се наоѓа во клучен момент кога мораме да ја зајакнеме довербата во институциите и да изградиме систем што ќе биде отпорен, ефикасен и транспарентен.

– Оваа стратегија, покрај тоа што е клучна за европската интеграција, ја зајакнува борбата против корупцијата, а со тоа и ја зголемува довербата во институциите. Во текот на 2025 година фокусот беше ставен на воспоставување функционални механизми за системско водење финансиски истраги како составен дел од истрагите за тешки кривични дела. Годишниот извештај јасно покажува дека се направени чекори напред, особено во делот на подобрување на меѓуинституционалната координација и зголемената употреба на финансиски анализи во предистражната постапка. Особено значајно е што во 2025 година година е забележан раст на бројот на поведени финансиски истраги, како и подобрување на практиките за идентификација и привремено замрзување на имотот стекнат од кривични дела – рече тој.

Министерот нагласи дека овие резултати јасно укажуваат дека принципот следи ги парите постепено станува стандард, а не исклучок.

– Успешноста на овој процес влијае врз зголемување на довербата на јавноста во Владата и нејзините институции, како и пренесување на пораката дека криминалот не е исплатлив и со неговото сузбивање преку ефикасна идентификација, финансиските истраги и конфискација на незаконски стекнатиот имот се воспоставуваат и јасни механизми за градење општество ослободено од корупција. Сепак, мора да признаеме дека предизвиците остануваат. Недостигот на финансиски експерти и аналитичарите во Јавното обвинителство, ограничените кадровски капацитети во Управата за финансиска полиција и нецелосното функционирање на Агенцијата за управување со одземен имот се реалност што бара итни интервенции – потенцира Тошковски.

Тој истакна дека поради тоа, МВР ќе инсистира на кадровско зајакнување и на создавање функционален механизам за социјална реупотреба на конфискуваниот имот.

– Нашата борба против криминалот не е само правна и институционална, таа е морална. Конфискацијата на имот не е казна самата по себе, туку средство за враќање на правдата и заштита на јавниот интерес. Во 2025 година преку акцискиот план обезбедивме над 452 милиона денари директен прилив во буџетот на државата од конфискација. Ова е доказ дека системот функционира, но и потсетник дека мора да го унапредуваме за да обезбедиме уште поголемо влијание. Нашата цел е јасна. Министерството за внатрешни работи ќе продолжува да ги надградува сопствените капацитети, да ги надминува утврдените слабости и да обезбеди конфискација на нелегално стекнатиот имот да стане ефикасна, правично применета и видлива во пракса – заклучи Тошковски.

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека финансиските истраги и конфискацијата на имот се однесуваат на борба против сериозниот криминал, корупцијата, перењето пари и финансирањето тероризам.

– Незаконски стекнатите средства и нивната конфискација најмногу обесхрабруваат криминални активности, со што ќе се намали секаква корист што се добива притоа. Ова доведува до откривање други криминални активности и стратегии за решавање цели криминални мрежи вклучувајќи и транснационални последици. Од страна на ЕУ постојано ги ревидираме нашите стратешки законодавства за да реагираме на предизвиците што се наметнуваат од брзорастечките криминални трендови – изјави Рокас.

Потсети дека во 2025 ЕУ донела внатрешна стратегија за заштита, во која се нагласува важноста на следењето на парите, за да се бориме со организираниот криминал и тероризмот.

– Најефективниот начин за борбата против организираниот криминал е против финансиските средства стекнати преку криминал, а не само поврат на средствата, со што се расчленуваат криминалните организации што функционираат надвор, и во рамките и надвор од ЕУ. Суштински закон во оваа смисла е Европската директива за поврат на имот и конфискација, која се надградува на претходните законски рамки. Сакам да оддадам признание за работата што ја вложи вицепремиерот, кој го состави овој Национален совет не само затоа што е сведоштво за заложбата на органите на Северна Македонија во борбата против организираниот и друг криминал туку и затоа што создава форум за дискусија меѓу политичката и експертската страна – рече Рокас.

Фото: Влада