Од денеска прекуграничните плаќања во евра ќе бидат поевтини и побрзи што се овозможи со приклучувањето на земјава кон СЕПА – Единствената област за плаќање во евра. Одобрени се апликациите на девет домашни банки, а до крајот на годината се очекува да се приклучат уште три банки.

– Од членството во СЕПА се очекуваа бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и за економијата во целина. Пред се се очекуваат побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Потсетува дека клучниот чекор за спроведување на оваа реформа било донесувањето на Законот за платежни услуги и платни системи, како и  подзаконските акти кои Народната банка ги усвоила за имплементација на овој Закон.

– Овој проект е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на нашата земја кон европските.Министерството за финансии и Народната банка ќе продолжат со реформи насочени кон економскиот развој и подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите, вели Димитриеска-Кочоска.

Барањето за пристапување кон СЕПА беше поднесено на 10 јули лани, а на 6 март годинава беше прифатена  апликацијата од страна на Европскиот совет за плаќања за приклучување на  СЕПА со што се овозможи и  приклучување на домашните банки во платежните шеми преку кои се извршуваат плаќањата во евра. Станува збор за регион кој опфаќа 41 земја од Европа.

Фото: архива