Македонскиот јазик живее, се развива и ја продолжува својата вековна мисија, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која пред два дена присуствуваше на отворањето на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Охрид.
Како што наведува Димитриеска-Кочоска на својот фејсбук профил, 80 години по кодификацијата, македонскиот јазик е нашиот најсилен мост кон светот и чувар на нашата културна оставнина.
На министерката по отворањето на Летната школа и беше доделена благодарница „Синергии“ во знак на поддршка и афирмација на македонистиката.
По повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, Министерството за образование и наука донесе посебна Програма за одбележување на овој значаен јубилеј. Програмата предвидува повеќе активности. Во август се одржува Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што вклучува: Одбележување на јубилејот на 58. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и 52. Меѓународна научна конференција на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.