Владата на последната седница усвои предлог закон за измени и дополнувања на законот за царинска тарифа со што се врши намалување на царинската стапка кај 67 стоки кои се користат во домашната индустрија. Предлогот е веќе испратен на усвојување во Собранието со цел пониски царински стапки да почнат да се применуваат од 1-ви јули 2025-та година, информира денес министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
-Станува збор за стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во нашите индустриски капацитети, особено во секторите на автомобилска, металопреработувачка индустрија, металургија и енергетика, односно оделни производи потребни за производство на високофинални производи со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија. Од 1-ви јули со измените се врши намалување на царинските стапки за 50% на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ, рече министерката.
Таа објасни преку пример: Ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20%, а во ЕУ изнесува 10%, по 1-ви јули царинската стапка за конкретниот тарифен број би била 15%.
-Истовремено со измените пристапуваме кон целосно усогласување со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање на електричната енергија во секторот енергетика. Од 1-ви јули царинската стапка за нив од 15% ја намалуваме на 2,7%, со што директно помагаме во енергетскиот сектор, рече министерката.
Измените кои се предложени, посочи министерката, се со цел да се зголеми конкурентноста на домашните компании кои извезуваат на странските пазари, да се зголеми македонскиот извоз, како и да се обезбеди зголемен девизен прилив.
-Притоа ваквите мерки кои водат до намалување на трошоците на компаниите ќе имаат и ефекти врз зголемување на инвестициите и бројот на вработените што е и приоритет на оваа влада, а во насока на остварување на повисоки стапки на економски раст, рече министерката.