Дополнителната заменик-министерка за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и денеска повторно забележува дека и се доставуваат делумни, нецелосни податоци и оти добар дел од информациите и актите воопшто не и се доставуваат.
– Дека тоа е така говори и фактот што од моето именување па до денес, до мене не е доставено ниту едно барање за вработување, унапредување, распределување или барање за ангажирање кое влегло преку архивата на Министерството за финансии, ниту пак одговорите на истите за кои вие имате изворна надлежност како министер. Вашата „коректност и транспарентност“ е до таму што јас како дополнителен заменик министер не сум информирана ниту за кадровски прашања во Министерството за финансии! Тоа значи дека вие не ги почитувате одредбите од Законот за Владата, ниту Пржинскиот договор и самостојно одлучувате и потпишувате акти и документи во однос на трошењето на буџетски средства како и во однос на кадровските прашања, изјави Димитриеска Кочоска.
И покрај одговорите од министерката за финансии Нина Ангеловска дека голем дел од капацитетите на секторите се ангажирани за одговор на нејзините барања, Димитриеска Кочоска потсетува оти согласно Законот е предвидено таа како дополнителен заменик министер заедно и рамноправно со министерката за финансии да управува со Министерството при остварување на надлежностите, кое, според Димитриеска Кочоска, не е испочитувано.
-Долгото времетраење за доставување на податоците за моите барања, не се состои во потребата за нивна изработка, туку во потребното време за корекциите и ограничувањата што вашиот кабинет ги врши на бараните податоци, впрочем како и што самите признавте дека сте запозната, вели дополнителната заменик-минисерка за финансии.
Таа јавно праша колку известувања за обезбедени средства за вработувања се издадени во периодот од дознавање за одржување на предвремените парламентарни избори до денес на неопределено време, колку на определено време, колку за вработувања преку Агенциите за привремени вработувања, колку согласности се издадени за ангажирањалица со договор за дело и со авторски договори, како е ценето за нивната реална потреба и колку тоа ја чини државата.
-Со оглед дека овие одговори сметате дека не треба да ми се достават, одговорете и на јавноста, на граѓаните, на даночните обврзници. Тие имаат право да знаат, посочи дополнителната заменик-министерката за финансии.