Владата направи многу грешки и во континуитет тоа се прави, смета потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска во денешното гостување во емисијата Детектор на телевизија Сител и додаде дека и самите граѓани потврдуваат дека власта не преземала ништо за справување со економската криза.

Факт е дека кај нас проблемите со кризата во најголема мера се резултат на тоа што го кажуваат анкетите односно дека власта е крива. Прво заради тоа што ништо не презема, рече таа.

Димитриеска Кочоска вели дека Македонија нема некоја поголема трговска размена со Украина и Русија за разлика од некои европски држави за кои како што рече последиците се многу помали во однос на тоа што се случува кај нас.

Значи прво Македонија нема некоја кој знае каква трговска размена со овие две земји кои што војуваат, што значи дека ефектите се индиректни. Да ги погледнеме европските земји тие имаат и таму е големо влијанието, а последиците се многу помали во однос на тоа што се случува кај нас, што не води до заклучок дека нешто кај нас не е во ред со мерките или преземањето активности. Да не го заборавиме моментот дека претседателот Пендаровски излезе на 1 март на ТВ Телма кој кажа дека тој знаел од 5 ноември дека ќе има војна во Украина и го информирал во тој период Заев и внимателно исчитав кои институции тие ги информирале, што значи дека биле информирани оние безбедносни служби, но ништо не се преземало во економскиот дел. Зошто не се преземало? Зошто не го повикаа луѓето од ЕСМ и да поразговараат во каква состојба е тој енергетски комбинат? Зошто не ги повикаа луѓето од стоковите резерви па да прашаат каква е состојбата за таму или пак луѓето од Дирекцијата од нафта и нафтени деривати, праша Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска рече дека само за 2022 година владата кон ЕСМ исплатила 230 милиони евра, прашувајќи го заменик министерот за финансии во која ставка од буџетот стои дека се исплатени 760 милиони евра како помош за граѓаните и стопанството, додавајќи дека во континуитет влада маниплира со бројките.

Владата изгласа мерка каде што го намалија ДДВ-то, а ние баравме да се преполови акцизата. Има огромна разлика во тоа, 22 денари беше акцизата, баравме да се преполови на 11 денари. Што ќе значеше тоа? Имате одредени трошоци, на крај доаѓа онаа даночна основица по која што доаѓа данокот и се пресметува крајната цена што ја плаќаме. Пресметката на владата велеше даночната основица ќе остане иста, наместо 18 проценти ќе се плаќа 10 проценти. Но, ние велиме не, сменете го другиот дел горе затоа што таа основица е трошокот кој што го имаат фирмите, за нив тоа е повраток на ДДВ-то, а ДДВ-то не им е трошок, зборуваме за транспортните фирми или оние кои што транспортираат храна. Тоа е како еден ефект кој ќе им помогнеше на сите компании.

Вториот момент кој што се заборава е што правиме со ЕСМ. Минатата година владата кон ЕСМ исплатила 230 милиони евра. Граѓаните велат не добиле никаква помош, Филип вели доделиле 760 милиони евра исплатиле мерки, еве ги буџетите од 2008 до 2022 година, и го замолувам Филип да ми каже во кои точно ставки во вкупните расходи отишле овие 760 милиони евра. Да не биде како онаа 1 милијарда бидејќи кога Државен завод за ревизија правеше ревизија кажа дека не е 1 милијарда, туку се 427 милиони евра од кои 127 беа во 2021 година, во 2020 година беа околу 300 милиони евра, што значи дека се манипулира со бројки во континуитет, а ефектот еве граѓаните го кажуваат изјави Димитриеска Кочоска.