Во овој момент за нула евра сме ја задолжиле државата. Фискалниот совет за јавниот долг направил пресметки врз основа на она што го имал како информации од медиумите, рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска. Како што истакна, одговорајќи на новинарски прашања, дополнителен јавен долг создава проектот со „Бехтел и Енка“ на чие завршување Владата е сега фокусирана.
Димитриеска Кочоска е децидна дека долгот се регистрира во моментот кога се повлекува кредитот. Како што ќе се плаќа и како што ќе одат реализацијата и имплементацијата, така ќе има зголемување на јавниот долг, но во исто време, не значи дека ќе има зголемување зашто паралелно се вршат редовни годишни отплати, а со тоа се намалува и долгот.
Според министерката, опозицијата и прави штета на земјата со коментарите што ги дава за јавниот долг кои се „нерални и невистините факти и манипулации“. Таа апелира да не се шпекулира зашто, напомена, состојбата е под контрола и во однос на јавниот долг и во однос на буџетот.
-Фискалниот совет направил пресметки врз основа на она што го имал како информации од медиумите. Ние сме направиле пресметки врз основа на она што го имаме како податоци од Информацијата на Влада и од тоа што го комуницира постојано премиерот. И ние мора да се држиме до тоа што го кажува премиерот и што го гласала Владата. Прво треба да помине одреден период додека завршат сите процедури, па ќе се склучи договор, па ќе почне реализација. Сето тоа не оди преку ноќ. Ние имаме друг проект што треба да го завршиме, тоа е проектот со „Бехтел и Енка“. Сега во моментов сме фокусирани во тој дел и можам да кажам дека тоа ни создава дополнителен јавен долг кој ние не им го вклакулиравме пред неколку години кога рековме дека не задолжија. Не рековме дека долгот ни се зголеми за 1,3 милијарди, како што и сега не можеме да зборуваме дека се задолжуваме за две или за пет милијарди. Долгот го регистрираме во моментот кога повлекуваме од кредитот. Како ќе плаќаме и како ќе одат реализацијата и имплементацијата, така ќе има зголемување на јавниот долг, но во исто време, не значи дека ќе имаме зголемување зашто од друга страна, имаме редовни годишни отплати и намалување на долгот, истакна министерката по презентацијата на Договорот за финансирање на заедничките активности што ја организираа Министерството за финансии (МФ) и Канцеларијата на ООН во Скопје.
Таа потсети дека во 2016 година јавниот долг беше меѓу 23 и 26 проценти од БДП.
-Вкупно 47,7 отсто мислам дека беше јавниот долг кога се смени Владата во 2017 година, а кога се смени Владата во 2024 година јавниот долг веќе беше над 60 проценти. Треба да сфатат сите дека немаме простор за комоција, напротив. Јас сум единственот министер што успеа и се труди да го намалува или да го држи контролирано јавниот долг и со вакви коментари што ги дава опозицијата, не ја олеснуваат работата зашто бројките го потврдуваат тоа што го работиме, подвлече Димитриеска Кочоска.
Според неа, треба прецизно да се зборува кога е во прашање Договорот за соработка со Обединетото Кралство.
-Прво, не го земаме кредитот од Велика Британија. Навистина многу се изместија работите во начинот на кој се комуницира. Ние склучивме Договор за соработка со Велика Британија каде британската Експорт банка е таа што ќе даде гаранција дека ако не го враќаме кредитот, тие ќе го вратат во наше име, што во суштина значи, нашиот кредитен рејтинг на некој начин го подобруваат за да добиеме пониски каматни стапки. Суштината и конекцијата меѓу нас и британската банка е во тој дел. Од каде ќе добиеме понуда ќе видиме, тоа допрва следи. Јавниот долг ќе биде толкав колку што ќе се троши секоја година и ќе повлекуваме за реализација на проектот. Се трудам да не реагирам на сите коментари посоебно од опозицијата, но не ми е јасно како може некој да излезе и да каже дека сега сме ја задолжиле државата за пет милијарди евра. Во овој момент за нула сме ја задолжиле државата, сега почнуваме па ќе видиме какви ќе бидат понудите. Кога ќе бидат понудите, треба да има постапка, треба да се склучи договор. Ние сега го обезбедуваме само финансирањето. Таква е процедурата кога се почнува некој проект во државата. Сите проекти се такви, објасни министерката.
МИА