А бе за нас се работи, за секој од нас, има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате, пишува Никола Димитров, ексминистер и вицепремиер во владите на Зоран Заев, со кого го потпишаа Договорот од Нивици за смена на името на Република Македонија „за бесплатно здравство низ цела Европа“.

„Патриотската“ острица на бившиот министер Димитров сега е насочена кон сегашниот премиер Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, со кого заедно „функционираа“ во бившите влади на Заев.

Во продолжение целата „критичка објава“ на Димитров за Ковачевски, Османи и Владата во преговорите со Бугарија за ново „бесплатно здравство низ цела ЕУ“:

Итна реафирмација на македонските позиции!

Очајот на (дел од) владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени од сред Брисел, се стопија прво на два зборови, “протокол” и “отворање”, па за 24 часа само на еден збор “протокол”.

Од повикот на шефот на дипломатијата пред три дена бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа “ќе го блокира долгорочно европскиот процес” за само еден ден потоа токму усвојувањето на предлогот стана “голем напредок”.

Ако потрае оваа агонија на игра со зборови и позиции уште малку, веројатно предлогот ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското НЕ ќе остане само горчливата прашина. За жал, ако навистина дојде до тоа – ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќорсокакот.

Затоа најитно е потребна гласна реафирмација на македонските позиции и дома и надвор, за да ги чујат сите кои можеби не сакале да ги слушнат, вклучувајќи го и еврокомесарот Вархеји

Во вакви услови, кога јавноста е оставена да се храни само со полуинформации, како очекувате да нема грижи и дилеми?

А бе за НАС се работи, за секој од нас. Има да одговарате на секое ново прашање, а не уште да обвинувате.

Па, министри кои се закануваат со кривичен прогон на свесни граѓани кои целосно се вложиле да спречат национална катастрофа нагалено наречена “државна стратегија” нарекувајќи го тој автентичен чин “хибриден напад” треба веднаш да ги снема од владата. Ако тоа не се случи, одговорноста ќе падне на целата влада.

Граѓанското несогласување и активизам е срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше надворешната божем-политика што со зборовите на Петков доведе до “неверојатен дипломатски успех” за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за божем заплашување.

Имаше две неспорни области на напредок последниве години, токму надворешната политика и слободата. Како стоиме денес нервозни господа во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму кон слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата,што веќе секако е огромна?