Ќе се поправаме и ќе те поправиме, Македонијо наша, пишува поранешниот вицепремиер и министер Никола Димитров, кој не спомнува ни „северна“ во името на Македонија, во чиј мандат Република Македонија ја доби придавката.
– Честит празник татковино, Македонијо наша! Ќе растеш и ќе се развиваш, ќе се поправаме и ќе те поправиме! Еден е патот напред и по него ќе врвиме колку и да е тешко и со кого и да треба да се бориме, вклучувајќи нè и нас самите. Нека ни е за многу години! Ќе нè биде!- пишува Димитров во честитката по повод 8 Септември.
Како што е познато, Димитров беше потписник на Договорот со Грција кога беше сменето уставното име на Република Македонија и покрај неуспешниот референдум. Но, откако Димитров „абдицира од шарениот престол“ се почесто во јавноста се појавува со „комитски“ изјави за Македонија и критички осврти кон актуелната власт, чиј дел беше до неодамна.