Министерот за надворешни работи Никола Димитров, преку статус на Фејсбук, се правда и дообјаснува за завчерашната изјава дека „македонскиот јазик е различен од јазикот на Македонците во Грција“.
Во јавноста имаше бурни реакции на оваа изјава на шефот на дипломатијата на Република Македонија.
– Суштината на договорот од Преспа – во секој случај еден од главните столбови – е прифаќање на различното разбирање на термините Македонија и македонски, кои за нас значат едно, а за Грција друго. Ние сме етнички Македонци, припадници на македонскиот народ, со сопствена историја, култура, и наследство. Ние зборуваме македонски јазик, што е еден од јужнословенските јазици. Грчките Македонци, во грчкиот контекст и разбирање на овие поими, се етнички Грци од грчкиот регион Македонија, кои зборуваат грчки јазик, со посебен однос кон хеленската цивилизација, историја, култура и наследството, пишува Димиутров на Фејсбук.
Натаму објаснува:
– Тоа е контекстот на мојата изјава при потпишувањето на Спогодбата за отворање на граничниот премин во месноста Маркова нога, на македонски јазик, на грчки јазик и на англиски јазик, која меѓу другото завршува со повикување на членот 7, наведен подолу: „Имаме повторно еден историски договор, би рекол, после историскиот успех од Преспа, бидејќи за прв пат Договорот се применува, како и името и терминологиите договорени во Преспа. Задоволство ми е што овој Договор за отворање на граничниот премин кај Маркова Нога во регионот на Преспа го потпишавме на три јазици: на грчки јазик, на македонски јазик и на англиски јазик. Македонски јазик што е важен за нас, што го зборуваат граѓаните на Република Северна Македонија и нашата дијаспора, и што не се однесува на грчките Македонци во контекст на членот 7“.
Натаму Димитров објаснува за член 7:
– Прво, Страните прифаќаат дека нивното односно разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Второ, во однос на Првата страна, овие термини ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследството на тој регион од антиката до денешен ден. Трето, во однос на Втората страна, овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура, и наследство кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став (2). Четврто, Втората страна изјавувадека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, спаѓа во групата на јужнословенски јазици. Двете Страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со античката елинска цивилизација, историја, култура и наследство од северниот регион на Првата страна. Петто, ниту една одредба од оваа Спогодба нема цел на кој било начин да ја поткопа, измени или да влијае на употребата од страна на граѓаните на двете Страни, пишува Димитров на Фејсбук.