Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Клеменс Која со кого разговараше за тековната реформска агенда во контекст на процесот на европеизација, претстојните локални избори, статусот на проектот за дигитализација и процесот на попишување.
Вицепремиерот Димитров, како што информира Секретаријатот за европски прашања, ја нагласил улогата на Мисијата на ОБСЕ за унапредување на демократијата и зајакнување на владеењето на правото, особено преку мониторирањето на изборниот процес и судските постапки.
– Европеизацијата на нашето општество подразбира поставување на соодветна правна и институционална рамка во клучните области, но дотолку повеќе е потребно нивно спроведување на терен и токму во таа смисла, Мисијата на ОБСЕ е наш важен партнер, истакнал Димитров.
Соговорниците размениле мислења и за реализацијата на активностите на Мисијата на ОБСЕ во Македонија за наредниот период, со посебен акцент на областите кои се приоритетни цели и во „Агендата: Европа дома“. Амбасадорот Која ја истакнал важноста од остварување на континуиран напредок во реформскиот процес.