Проблемот со европската интеграција на РСМ не е централен за бугарскиот политички државен поредок. Формално, секоја влада носи одлуки во надворешната политика, изјави Ангел Димитров, копретседател на Заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања и поранешен амбасадор во Скопје, за Бугарското национално радио, пренесе БГНЕС.
Според него, Македонија го прифаќа билатералниот Договор за пријателство и добрососедство како формален чин, како билет за ЕУ, а не како цврста политичка определба.
– Не треба да живееме со идејата за мимикрија на активност, за лажни сигнали дека нешто се случува кога нема резултати, вели Димитров.
Тој ги коментира и постапките на премиерот Кирил Петков и смета дека се избрзани.
– Зад избрзаните постапки со еуфоричното убедување дека може да се одврзе комплексен јазол, очигледно стојат акции кои остануваат јавно непознати, а тоа создава тензија кај бугарското општество, додава Димитров.
Тој ја отрфла како несериозна и непријатна тезата дека има заедничко меѓу позицијата на Бугарија и руските интереси.
– РСМ има држава која е генетски поврзана со Србија и Русија. И не може или не сака да им сврти грб. Затоа, навестувањата за бугарска позиција во служба на Русија или Србија се апсурдни. Бугарија силно ја поддржа евроатлантската интеграција на РСМ за да и помогне да излезе од старата југословенска комунистичка орбита. Треба да се биде внимателен со вакви евтини политички мантри кои ја дискредитираат нашата земја, вели Димитров за БНР, пренесе БГНЕС.
Вчера по состанокот на коалицикиот совет, шефицата на кабинетот на бугарскиот претседател изјави дека коалицијата во оваа фаза ќе дејствува единствено и дека ќе се остави на дипломатите од МНР да работат.
Но, претседателот на пратеничката група на партијата „Има таков народ“ во Бугарија , Тошко Јорданов, и по одржувањето на коалицискиот совет не е сигурен дека нема да има изненадување околу ветото за Македонија.
– Следејќи го коалицискиот совет за С. Македонија, со ваков тип на коалициски партнери, не можеме да бидеме сигурни дека нема да има никакво движење околу С. Македонија, изјави тој за ТВ Нова.