Подобрите компании веќе имаат исплатено К-15 во текот на летото, а финансиски послабите прашуваат дали може да се исплаќа на рати. Постои и можност што ја предвидува Општиот колективен договор за компаниите кои имаат финансиски проблеми, а тоа е во договор со синдикатот да направат спогодба за исплата на помали износи, изјави денеска претседателот на Органзиацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров.
Одговарајќи на новинарски прашања, Димитров предочи дека поради исплатата на К-15, сега најголем дел од вработените во Македонија имаат обврска за електронска регистрација на даночните пријави.
– Сега 99 проценти од вработените во Македонија имаат таква обврска само затоа што зеле К-15. Излегува дека К-15 е нешто надвор од работите од работен однос, а всушност тоа не треба да подлежи на персонален данок, вели Димитров.
Тој посочи дека со оваа обврска кон Управата за јавни приходи, работодавачите се ставени во позиција да им отвораат меил на постарите вработени и на оние кои дома немаат компјутер за да може да ја испочитуваат оваа обврска.
– Кај нас 900 луѓе ги регистрираме бидејќи тие дома немаат компјутер за да се регистрираат. Работодавачот сега сам прави трошок и ги регистрира, им отвора маил за им помага да можат да го испочитуваат законот. Кога ги носиме законите, треба да видиме дали има реални можности за негово спроведување, вели Димитров.