Сега не, ама во март ЕУ ќе ни даде зелено светло за пристапни преговори, рече вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, кој вечерва беше гостин во Дневникот на ТВ Сител.
– Земјите членки поддржуваат. Добивме зелено светло во март, треба да почнеме пристапни преговори. Во прашање е и вкупната политика на ЕУ кон Балканот. Мислам дека нема подрастичен случај од македонскиот. Во таа смисла, меѓу другото и заради билатерални прашања, па чекаат на нова методолија. Врз основа на таа методологија да се разработи преговарачка рамка и еве сега имаме еден ваков предизвик. Јасно е дека ние во контекст на ЕУ, за разлика од ОН и НАТО каде имаме целосно рамноправна позиција, во контекст на ЕУ ние сме надвор, Бугарија е внатре. Меѓутоа исто така ЕК и европските комесари, меѓу другото, се и чувари и промотори на европските вредности, рече Димитров.
И, додаде тој, во таа смисла според мене лично ова беше асиметричен повик за прашање што е наша работа.
– Македонскиот јазик е во срцето на нашиот суверенитет, тоа е наша работа, нашето изразување како македонски народ е наша работа. За едно вакво прашања мислам дека во најмала рака изјавата требаше да биде упатена кон двете земји и кон земјата членка. И оваа битка не е само макдонска битка, нели да одиме напред таму каде што ни е стратешката цел. Оваа битка истовремено е и европска битка. Секогаш кога еден суштински важен, темелен, кристално јасен принцип на ЕУ е под знак прашање, секое молчење ја прави ЕУ послаба, бидејќи ЕУ не е само заеднички пазар туку е и заедница на вредности, рече Димитров во гостувањето на ТВ Сител.