Иако ни претстои уште многу работа, знаеме точно каде се движиме и цврсто сме решени да направиме се’ што е во наши раце нашата татковина да стане вистинска и просперитетна европска демократија.
Како што соопшти МНР, ова го истакнал министерот за надворешни работи Никола Димитров на денешната средба со Натали Лoазо, министерка за европски прашања на Француската Република, која престојува во прва работна посета на нашата земја, давајќи и пресек за направеното во клучните реформски области.
-Силна Франција значи уште посилна Европа. Ние се стремиме да станеме дел токму од една таква Европа и, во рамки на нашите можности, ќе продолжиме да даваме конструктивен придонес на овие процеси во регионот и пошироко, рече Димитров.
Министерката Лоазо, се наведува, го нагласила значењето на Преспанскиот договор како клучно регионално и европско постигнување и позитивен сигнал за европската иднина на регионот. Притоа, министерката Лоазо подвлекла дека Франција со голем интерес го следи напредокот на Македонија и уверила дека поддршката за домашните реформски процеси, посебно во клучните области, ќе продолжи и понатаму, стои во соопштението.