Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба, изјави вчера вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Но, во изјавата за ТВ Сител, Димитров рече дека се уште „не креваме раце“.
-Не креваме раце и правиме се што можеме во рамки на едно европско достоинствено решение, рече Димитров.
Нашите позиции, додаде тој, стојат на кристално јасни принципи и се повеќе земји членки велат вие испорачавте, мора да најдеме начин и ние како ЕУ да испорачаме. Според него, влогот е огромен и сега крупното прашање е дали ние на Балканот можеме да веруваме на зборовите на ЕУ.
-Ако цената за нашиот пат кон ЕУ е обезличување тогаш таква ЕУ нема да ни треба. Јас уште кога почна овој процес во октомври минатата година, кога се интензивираа напорите тогаш уште за германското претседателство јасно кажав, јас сум со тоа ок. Ако не можеме да ги отвориме вратите заради македонскиот јазик, во ред, нема да ги отвориме. Но тоа поставува суштинско прашање каква унија е ЕУ, посочи Димитров во гостување на дневникот на ТВ Сител.