Kанцеларот на Република Австрија, Себастијан Курц, денеска е во официјална посета на Република Македонија. Владата помпезно ја најавуваше неговата посета како поддршка за евроинтеграцијата на земјава. Но, актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров пред речиси две години имаше сосема поинаков став кон австрискиот канцелар, а тогашен министер за надворешни работи на Австрија, потсетува порталот Курир.
-Европската комисија вели дека Македонија е заробена држава. Австрискиот МНР Курц дојде во Скопје за да им даде поддршка на заробувачите. Нека не ве чуди. Поддршката за проширувањето во Австрија е најниска во Европа – 71% се против. Очигледно им договара Македонија никогаш да не им затропа на вратата. Ќе поддржуваат автократи, па потоа ќе велат дека нема доволно демократија, правда и борба против организиран криминал и корупција за да почнеме преговори. За друго им требаме. Да бидеме авторитарен, сиромашен и грд штит од бегалците, сива зона каде царува корупцијата, додека младите ни се селат во Европа, напиша Димитров на својот Фејсбук профил на 27 ноември 2016 година.