Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска, се огласи по повод информациите за нејзина комуникација со лице обвинето во случајот „Адитив“, нагласувајќи дека разговорите немале никаква поврзаност со предметот. Таа појасни дека се работело за пријателска комуникација, која се одвивала пред започнувањето на официјалната постапка и пред изрекувањето мерка притвор за обвинетиот. Според Димовска, споделените содржини биле од јавен карактер и немале допирна точка со какви било коруптивни дејства.
-Сакам да ја информирам јавноста дека мојата комуникација со семеен пријател, кој подоцна стана обвинет во случајот „Адитив“, се одвивала во период пред да започне постапка за него пред надлежното обвинителство. Од соопштението од ОЈО за ГОКК се согледува дека нашата комуникација траела до декември 2024 година, или пред да му е изречена мерка притвор. По оваа мерка кон него, јас престанувам со комуникација, наведува таа во соопштението испратено до медиумите.
Додава дека разговорите што ги водела не содржеле ништо што може да се доведе во врска со предметот.
-Содржината на комуникацијата се однесува на разговори без никаква поврзаност со случајот предметот „Адитив“. Дел од споделените информации се однесуваат на јавни документи чија содржина пред нашата комуникација е објавена во јавност, а останатиот дел е вообичаена пријателска комуникација, потенцираше таа.
Во соопштението, Димитровска истакнува дека нејзините колеги од Комисијата немаат никаква поврзаност со случајот, и дека предметот не е доделен кај неа, ниту има можност да влијае на постапката.
-Како претседател на Државната комисија за спречување на корупција, сакам да нагласам дека кредибилитетот и интегритетот на институцијата во никој случај не смее да биде оспорен. Принципот на презумпција на невиност, односно секој е невин додека не се докаже спротивното, како и принципот на владеење на правото, потребно е да се почитуваат. Останатите 6 члена на институцијата која ја претставувам, немаат никаква поврзаност со делото за кое сум осомничена. Во Државната комисија за спречување на корупцијата во тек е постапка за проверка на имотната состојба на наведено лице. Со електронската распределба предметот не е доделен за постапување кај мене, а согласно утврдените правила немам никаква можност да влијаам врз текот на постапката или врз исходот. Одлуките на ДКСК се носат колективно, со мнозинство гласови на членовите, дополнува таа.
Најави целосна соработка со правосудните органи и почитување на сите мерки на претпазливост.
-Целосно ќе соработувам со надлежните правосудни органи и очекувам брза и транспарентна разрешница на настанот. Мерките на претпазливост ќе ги почитувам во целост. До конечно изјаснување на обвинителството нема да давам дополнителни јавни изјави, освен ако тоа го наложат околностите, водејќи се од интересот на институционалниот интегритет и транспарентност. Очекувам до тогаш да се почитува интегритетот на ДКСК, мојот и интегритетот на моето семејство, вели претседателката на ДКСК.
Јавното обвинителство достави предлог за мерки за претпазливост за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, во рамки на предметот „Адитив“ кои беа прифатени од Основен Кривичен суд Скопје.
Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.
Според обвинителството, осомничените лица организирале и извршиле пререгистрација на правни субјекти за да изиграат постапките за јавна набавка, со што овозможиле одредени компании да добијат договори и да се стекнат со значителна имотна корист.
Фото: Архива