Преку Вибер и Ватсап довчерашниот прв човек на антикорупционерите Татјана Димитровска испраќала доверливи информации до ексдиректорот на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ од постапки кои ги воделе антикорупционерите против него за случајот Адитив, во кој сега и самата е осомничена. Во период од осум месеци преку размена на пораки, Стојановиќ добивал информации од Димитровска за постапките за овој случај кои се водат и за лица блиски до него, но и за податоците кои ДКСК ги прибирала при вршењето на проверката на имотот со кој располагал тој и неговото семејство. Поради сето ова, обвинителството ја сомничи за оддавање на службена тајна, а како што стои во Кривичниот законик на Димитровска за ова дело и се заканува затворска казна од три месеци до максимални пет години затвор. Судот вчера и го одзема и пасошот, а Димитровска доби и забрана за работа во Државната комисија за спречување на корупција.

„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Инаку, Димитровска беше избрана за прв човек на новиот состав на антикорупционерите од кој се очекуваше да придонесе за враќање на нарушената доверба во правосудниот систем. Димитровска на оваа позиција дојде откако претходно 19 години работеше во Државниот завод за ревизија, од кои во последните две години беше и помошник на главниот ревизор. За претседател на антикорупциска, Димитровска беше избрана откако доби максимален број на бодови од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Демократско Движење, кои се наоѓаа во собраниската Комисија за селекција на кандидати. Таа доби 100 поени од пратениците, но само по 20 поени од членовите на граѓанскиот сектор кои исто така беа дел од Комисијата за селекција. Граѓанскиот сектор тогаш излезе со издвоено мислење дека Димитровска е избрана преку необјективно и со оркестрирано гласање за неа од страна на останатите членови на Комисијата.

Мандатот на Димитровска официјално започна на 8 февруари минатата година, а според обвинувањата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, делото за кое се сомничи таа го вршела од мај до декември 2024 година, односно тоа значи дека почнала со оддавање на службени тајни само три месеци по изборот на таа позиција. Покрај Димитровска, случајот Адитив вчера беше проширен за уште две лица, а вкупно се опфатени над 30 физички и пет правни субјекти кои се товарат за сомнителни набавки на мазут за ЕСМ и ТЕЦ Неготино. Според Обвинителството, преку изигрување на постапки за доделување на договори за јавна набавка, направената штета во овој случај изнесува шест и пол милиони евра. Помеѓу осомничените во Адитив уште се и поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски кој е во бегство, неговиот наследник на оваа позиција Васко Стефанов, поранешниот директор на РЕК Битола, Пеце Матевски и поранешните комерцијални директори на ЕСМ, Адријан Муча и Данчо Стојановски.