Секогаш сме тука за лозарите, истакна денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, кој присуствуваше на манифестацијата „Тиквешки гроздобер” во Кавадарци.
– Посакувам добра берба и добар квалитет на грозјето, а од него да се направат добри производи од грозје, нагласи министерот, осврнувајќи се на дел од Законот за винарство, кој веќе е во Собрание, со што ќе се дадат можности лозарите во свои винарии, во домашни услови да произведуваат вино и ракија.
Веќе, посочи, се олеснети околностите околу акцизите кои беа пред два три месеци, Законот помина во Собрание.
– И други програми, пред се програмата за рурален развој со која директно помагаме, и ИПАРД програмата преку која лозарите можат да користат европски пари, се со цел развој на лозарството. Само со инвестиции, со една добра организација, може да очекуваме подобри денови во лозарството и за лозарите, нагласи министерот, честитајќи го празникот и гроздоберот.
Задоволство од соработката изрази и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. – „Тиквешки гроздобер” е манифестација која заслужува внимание, како една од најстарите во државата, рече градоначалникот Јанчев и посака бериќет и успех за сите.