Рокот од седум дена што го дадоа земјоделците на саботните протести во Скопје воопшто е непотребен, бидејќи сме немале период во кој не сме разговарале со нив, а мотивот за протестите е повеќе од јасен, оцени денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.

-Увидовме, се покажа и се потврди дека протестите се политички мотивирани. Цело време сме во комуникација со земјоделците и во континуитет разговараме. Голем дел од барањата кои ги поставија веќе се реализирани, а за утре имаме договорено средба со лозарите за да ја финишираме мерката што ја најавивме. Ден пред протестот е исплатена мерката за оризопроизводителите, како и втората фаза за млекопроизводителите. Останува да ги прецизираме исплатите што ќе следат со ребалансот на Буџетот и дополнителните средства што ги добивме, рече Димковски во одговор на прашање на денешната прес-конференција во МЗШВ.

Очекуваме, додаде, до крај на годината да може да се исплати уште една фаза за млекото, а првпат, како што кажа, е предвидена дополнителна интервентна мерка со која се дава субвенција од 400 денари за заклано јагне предадено во кланичен капацитет.

-Отворени сме за соработка и за комуникација. Земјоделците кои завчера даваа изјави неколкупати беа тука и разговаравме заеднички со нив. Едниот од нив за оризова арпа има добиено 130.000 денари субвенции, а вториот за одгледување овци има добиено 194.000 дери од кои само 64.000 денари се за органско производство. Верувама дека сите барања кои се од земјоделски и економски аспект  се релевантни да се разговараат во МЗШВ, а за другите политички барања кои ги поставија нема што да разговараме ние како Министерство, посочи Димковски.

Рече дека не е целосно исплатена субвенцијата за млекопроизводителите и додаде дека има наследена состојба што се провлекува.

-Се надевам дека годинава и во текот на наредната година ќе бидат подмирени сите заостанати обврски кон нив. Очекувам со буџетот за 2020 година да се елиминира долгот кон сточарите, рече Димковски.