ИЛИЈА ДИМОВСКИ
Европратеници од Грција и Бугарија, под покривот на самата Европска Унија, експлицитно го негираа постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик и идентитет, па повторно дури и нашето право на името Македонија.
Тоа, од патриотски и интелектуални причини, не смееме да го преќутиме.
Овој настап не е спорадична и ретка реторичка или политичка екскурзија, туку е дел од долгогодишни државни стратегии на двете наши мили братски православни сосетки кои систематски произведуваат „научни“ трудови, правни акти и дипломатски притисоци чија крајна цел е сведување на македонскиот национален субјективитет на фолклорна географска аномалија.
Да повториме сосема гласно, не заради нас, туку заради изгубените вредности кај нашите соседи:
– прво, македонски народ постои;
– второ, македонски јазик постои;
– трето, тие имаат свој временски и географски континиум кои се подолги и поназад од последните сто години и се пошироки и поголеми од географските граници на модерната македонска држава;
– четврто, македонско малцинство постои и во Бугарија и во Грција;
– петто, на македонските малцинства во Бугарија и Грција, земји членки на човекољубивата ЕУ, не само што не им се признаваат основните човекови права, туку и им се забранети.
Самоприпишувањето како Македонец е jus naturale што ниту една демократска држава нема право да го суспендира. Тоа право не може да го суспендира ниту Грција, ниту Бугарија, ниту пак Република Македонија, па и какви договори тие да склучиле меѓу себе. Исто така, карактеристиките на идентитетот кои стојат зад самоприпишувањето Македонец се природно право на секој човек и не може да се ограничува со никакви државни или меѓудржавни акти.
Република Македонија не е само административен ентитет, туку таа е conditio sine qua non на македонскиот историски проект.
Ако државата не го заштити секој Македонец, внатре и надвор од границите, ако не го заштитува природното право да се биде Македонец, тогаш таа и ја губи смислата на нејзиното формирање.
Македонија е единствена национална татковина на Македонците.
Правото на грижа за Македонците е природно право на државата Македонија, каде и тие да живеат.
Македонскиот јазик, историја, име и идентитет не смееа и не се монета за политички размена.
Европа може да биде наш партнер само ако прифати дека македонскиот народ постои и со право бара почитување на универзалните стандарди што Унијата самата ги проповеда.
Ако молчиме, се согласуваме со негацијата.
Бидете гласни и кажете: Македонците ги бараат своите човекови права, и во Македонија и во сите соседни држави.