На 17 мај ќе се постави камен-темелник на нова фабрика во ТИРЗ Скопје, во која ќе се произведуваат системи за греење за потребите на компанијата „Беко“. Инвестицијата, во првата фаза, ќе изнесува повеќе од 25 милиони евра, а ќе обезбеди 200 нови вработувања. Освен тоа, мултинационални компании веќе донеле интерна одлука за инвестирање во Македонија, па ќе има позитивни информации за нови инвестиции и нови фабрики, вели во интервју за порталот Пари, директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Гоце Димовски.

Пари: Со владнина делегација бевте во посета на ОАЕ. Балканот не им е непознат, но колку знаат за потенцијалите на Македонија за инвестиции и бизнис? Постои ли некаков интерес за соработка?

Димовски: Целта на оваа посета на владината делегација која беше предводена од премиерот проф. д-р Христијан Мицкоски, беше да се остварат билатерални средби со високи претставници на Обединетите Арапски Емирати, со цел да се презентираат можностите што ги нудиме како држава, со што ќе се зајакне економската соработка помеѓу двете држави. Со оглед на фактот дека и јас бев дел од владината делегација, можам да кажам дека имавме мошне плодни и успешни средби кои ќе значат зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави. На тие средби од страна на владината делегација беа претставени можностите за инвестирање во Македонија, со што заклучокот од сите средби е дека од страна на претставниците на ОАЕ се изрази сериозен интерес во делот на можностите што ги нуди Македонија за инвестирање.

Имено, прв сериозен позитивен показател е фактот дека при посетата на владината делегација во ОАЕ беше побарано укинување на визите и тоа барање веднаш беше прифатено од страна на ОАЕ, така што наскоро со конкретната примена на одлуката за безвизното патување ќе се влијае на посилна економија, слободно патување и зајакнување на меѓусебното партнерство. Заклучокот е дека оваа влада се бори на секој можен начин да се помогне на нашите граѓани, и со секој ден да се носат промени за подобра заедничка иднина.

Пари: Актуелни се царините на Доналд Трамп. Првично одредените стапки се суспендирани, а новата општоважечка за сите е 10 проценти. Како го коментирате овој потег и што ќе значи тоа за Македонија, конкретно за работењето во ТИРЗ?

Димовски: Овој потег, каде што е во сила општоважечката царина од 10% за нас како држава, е секако позитивно за целокупната македонска економија, вклучувајќи ги и компаниите во ТИР зоните. Воедно, според информациите со кои располагам, можам да потврдам дека претставници на Владата се во постојан контакт со претставници на Стејт департментот, сѐ со цел добивање на најповолна висина на царините од страна на САД.

Пари: Во неодамнешна изјава министерката за финансии посочи дека засега постои проблем (кој се решава), со само една компанија која директно зависи од извозот во САД. Има ли најави за отпуштање работници, за селидба на производството?

Димовски: Како што напоменав претходно, владини претставници се во постојан контакт со претставници на Стејт департментот. Согласно информациите со кои располагаме како ДТИРЗ, заклучно со денес, нема такви најави. Имено, точно е дека само една компанија во ТИР зоните директно зависи од извозот во САД, меѓутоа согласно комуникацијата што ја имам со таа компанија, моментално нема такви најави.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА