Синдикатите останаа без бараното линеарно зголемување на платата на разговорите во владата. Претседателот на ССМ, Дарко Димовски, изјави дека договор со владатата нема, најавувајќи дека утре ќе биде донесена одлука за генерален штрајк.
„Ова повеќе не се издржува и разочарани сме од преговорите со владините претставници“ – изјави Димовски.
Ни понудија само кафе и вода, иронично забележа Димовски за тоа на какви одговори наишле во владата за своите барања.
– Бараме итно зголемување на платите. Ценовните шокови и двоцифрената инфлација ни даваат право да бараме усогласување на платите веднаш, бидејќи веќе не се издржува, рече Димовски.
Најави дека утре ќе заседаваат највисоките тела на ССМ и се очекува да биде донесена одлука за стапување во генерален штрајк.