Агенцијата за национална безбедност согласно последниот ребаланс на буџетот на пат е да ја реализира најзначајната обврска од реформскиот процес, физички да се одвои од Министерството за внатрешни работи.
Директорот на АНБ Виктор Димовски во интервју за МИА вели дека особено е горд на реализацијата за кадровска обнова со млади и високо едуцирани кадри преку склучените меморандуми за соработка со нашите универзитети и дека првите десетмина од редот на најдобрите студенти, првенци на генерација веќе отпочнаа со обука за работа во Агенцијата.
Минатата година Агенцијата покрај успешните акции на планот на спротивставување на тероризмот и насилниот екстремизам во Кумановско-Скопскиот регион, успешно спровела акција во која беа откриени и процесирани припадници на четири криминални групи кои изработувале и продавале лажни негативни ПЦР-тестови што претставува сериозна закана по јавното здравје, а со тоа и на безбедноста на нашите граѓани.
Агенцијата, вели Димовски за МИА, ги презема неопходните мерки и оперативни активности за организиран и безбеден прифат на цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици. Според него, пласирањето на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да всејат страв и паника кај граѓаните е да разгорат национализам и да дестабилизираат, но сепак, вели тој, ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваниот одзив што зборува за зрелоста на нашите граѓани и нивната демонстрирана емпатија и подготвеност за солидарност.
Ви ја честитам годишнината од формирањето и ви посакувам успешна и професионална работа. После две години работа на Агенцијата за национална безбедност АНБ и вие како прв човек на Агенцијата, успеавте ли да се дислоцирате од МВР и да се доекипирате со професионални кадри?
Благодарам за Вашата честитка во мое име и во името на вработените во Агенцијата за национална безбедност.
Деновиве кога го одбележуваме 1-ви Септември, Денот на Агенцијата за национална безбедност со задоволство можам да констатирам дека Агенцијата со успех ги изоде неопходните чекори како нов безбедносен субјект и веќе две години по ред успешно ги штити националната безбедност, независноста, суверенитетот, уставното уредување и основните слободи и права на човекот и граѓанинот гарантирани со Уставот. Формирана по урнек на модерните европски безбедносни сервиси и кадровски екипирана согласно високите НАТО стандарди, Агенцијата целокупните свои капацитети ги насочува кон следење на современите безбедносни предизвици и е подготвена за брз и ефикасен одговор на потенцијалните закани и ризици по безбедноста на државата и нејзините граѓани.
Во изминатиот едногодишен период и покрај тоа што функциониравме во исклучително сложени околности поврзани со пандемијата со Ковид-19 и продолжениот изборен процес за парламентарните избори завршен е најголемиот дел од задачите зацртани во реформскиот пакет поврзани со етаблирањето, кадровското екипирање и институционално позиционирање на Агенцијата. Паралелно, се работеше на процесите на континуирана обука заради оспособување и усовршување за делување согласно високите НАТО стандарди, како и на техничкото до опремување заради успешно спротивставување на современите предизвици и закани. Воедно, беше направен значаен исчекор на планот на унапредување на процесот на оперативно и оперативно аналитичко работење, јакнење на меѓу институционалната и меѓународна соработка, комуникацијата со институциите задолжени за надворешна контрола и соодветна медиумска транспарентност. Во овој период Агенцијата со својот целосен капацитет беше вклучена и во работата на Советот за безбедност и Советот за координација на безбедносно разузнавачката заедница, како и во работата на владиниот Главен координативен штаб за справување со ризиците од пандемијата.
Една од работите со која сум особено горд е реализацијата на заложбата за кадровска обнова со млади и високо едуцирани кадри. Во овој контекст, согласно склучените меморандуми за соработка со нашите универзитети првите десетмина од редот на најдобрите студенти, првенци на генерација веќе отпочнаа со обука за работа во Агенцијата. Со ваквата заложба, која планираме да стане наша практика во наредниот период, помеѓу другото сакаме да пратиме и порака дека местото на младите луѓе е во татковината и дека, за најдобрите секогаш ќе има место во институциите во кои во демократските општества е чест да се работи.
На пат сме да ја реализираме и последната значајна обврска од реформскиот пакет, а тоа е физичкото одвојување од Министерството за внатрешни работи и дислоцирање во новото седиште. Ова не бевме во можност да го направиме во изминатиот период со оглед на фактот што финансиските средства што беа планирани за оваа намена беа пренаменети согласно потребите за надминување на последиците од пандемијата. Сега, согласно последниот ребаланс на буџетот Владата ги одобри потребните средства со што се овозможува затворање и на ова прашање.
Пандемијата како и во сите институции, според препораките на Владата, го намали капацитетот со човечки ресурси. Како АНБ се реорганизираше во овие 18 месеци, работевте од дома, на терен или пак обезбедивте услови во вашите простории?
Работата во услови на пандемија беше исклучително сложена, и поради потребата да се носиме со актуелните безбедносни предизвици, но и поради неопходноста да водиме сметка за здравјето и животите на вработените. Согласно владините препораки во почетниот период работевме со лимитирано физичко присуство на работните места секаде каде тоа беше возможно, а подоцна беше пристапено кон сменско работење со почитување на сите протоколи за заштита кое се покажа како мошне успешен пристап. Оваа формула беше користена до неодамна кога се вративме на редовниот режим на работа, но секако со натамошно целосно и строго придржување на препораките на здравствените власти и усвоени протоколи.
Улогата на АНБ, меѓу другото, е да го следи на развојот на настаните на терористички и екстремистички план, постои ли некаква опасност за нашата земја. Минатата година во две анти-терористички акции со МВР уапсивте поголема група членови на организација, основана на идеолошките основи на Исламска држава. Разбиената ќелија на ИД во Северна Македонија е од Куманово и Скопје. Која била целта на единаесетмината кај кои беше пронајдена воена опрема, оружје, муниција…
Активностите за следење и превенирање на развојот на настаните на терористички и екстремистички план се дел од нашите врвни безбедносни приоритети. И во нашата земја, како впрочем и во земјите од непосредното и поширокото соседство регистрирани се активности на поединци и групи мотивирани и поврзани со екстремистички, радикални и милитантни идеологии. Во овој контекст Агенцијата реализираше неколку успешни акции на планот на спротивставување на тероризмот и насилниот екстремизам во време кога тоа не беше случај со некои други европски земји. На 1 септември 2020 година и 27 декември 2020 година во координација со Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција беше откриена и процесуирана повеќечлена група од Куманово и Скопје, која се подготвуваше за изведување терористички напади врз објекти од витално значење за државата. Успешно беше реализирана и акција за откривање и процесуирање на криминална група од околината на Кичево при што беше откриено поголемо количество на оружје и експлозивни материјали, како и импровизиран полигон за боево гаѓање. Воедно, во контекст на корона-кризата и постојните ризици и закани по јавното здравје успешни беше реализирана заедничката акција на Агенцијата со надлежните институции во која беа откриени и процесирани припадници на четири криминални групи кои изработувале и продавале лажни негативни ПЦР-тестови што претставува сериозна закана по јавното здравје, а со тоа и на безбедноста на нашите граѓани. Во текот на месец март о.г. реализиран беше уште еден случај за попречување на нелегални активности на високо организирана криминална група инволвирана во недозволена трговија со оружје, дрога и транспорт на мигранти при што беше остварена успешна соработка со безбедносните служби од една соседна земја. За сите овие активности навремено беа информирани надлежните институции во земјата и партнерските служби од земјите членки на НАТО, каде сме полноправна членка од март минатата година.
Владата, после случувањата во Авганистан, најави дека државава ќе прифати авганистански граѓани. Подготвена ли е АНБ за безбеден и успешен трансфер на овие лица кои треба одреден период да поминат во нашата држава.
По одлуката на Владата за прифаќање и времено сместување на цивилно население од Авганистан, Агенцијата ги презеде неопходните мерки и оперативни активности за организиран и безбеден прифат, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици. Во овој контекст изработена е соодветна безбедносна проценка согласно која се реализира засилен безбедносен увид и контрола на прифатните пунктови, правците на транспорт и сместување. Најважно е дека граѓаните се безбедни, и немаат причини за загриженост. Засилените безбедносни мерки и интензивната комуникација со партнерските безбедносни сервиси ќе бидат континуирани за цело време на нивниот престој, а во функција за ефикасна заштита на националната безбедност, како и личната сигурност на авганистанските државјани. Мора да напоменам дека соработката досега е највисоко професионално ниво, и посветеноста од сите засегнати страни е за пофалба.
Паралелно со најавите за приемот на 650 авганистанци, на одредени портали и социјални мрежи се шират и лажни вести. Како Агенција, а со оглед на тоа што во 2020 година имате потрошено солидна сума за техника, преземате ли чекори за откривање на мотивот за ширење на такви вести или пак веќе имате информација која е позадината.
Не отфрлајќи ја политичката и безбедносната димензија, одлуката на Владата за прифат и времено сместување на бегалците е мотивирана пред се, од хуманитарни причини. Се работи за лица кои во најголем број се новинари, претставници на граѓански и мировни организации и други општествени групи и кои активно работеле на создавањето на демократско општество во нивната држава во изминатите години. Сепак, и покрај транспарентноста и целосната отвореност сведоци сме на појава на обиди за пласирање на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да всејат страв и паника кај граѓаните, да поттикнат ксенофобија и да разгорат национализам со нескриен мотив да ја поткопаат довербата во институциите на системот. И покрај ваквите обиди, се покажа дека ваквите активности и повици не наидуваат на очекуваниот одзив што зборува зрелоста на нашите граѓани и нивната во повеќе наврати демонстрирана емпатија и подготвеност за солидарност и помош на луѓето во неволја.
Со Агенцијата за разузнавање пред шест месеци потпишавте меморандум за соработка кој, меѓу другото, предвидува и размена на информации и податоци за актуелни политички и безбедносни состојби во регионот. Каква е оценката за стабилноста на Балканот и може ли ковид-кризата да влијае на безбедноста на нашата држава.
Соработката со Агенцијата за разузнавање, но и со останатите институции од безбедносно разузнавачката заедница, МВР и Бирото за јавна безбедност, Оперативно техничката агенција, Воената служба за безбедност и разузнавање, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и останатите владини институции во изминатиот период беше на навистина многу високо ниво. Тоа ни овозможи во континуитет да имаме тековно ажурирана и усогласена безбедносна проценка во поглед на актуелните закани и можни ризици на внатрешен, но и на регионален план. Развојот на настаните поврзан со ширењето на пандемијата делумно влијаеше на интензитетот и динамиката на идентификуваните закани и ризици, а во одредена мера и на некои појавни облици продуцирани од некои државни и недржавни актери во обид да се прилагодат на новонастанатите околности. Најголем дел од нив се благовремено препознаени и идентификувани и на соодветен начин адресирани (заради превенирање на ризиците по националната безбедност).
За „бомбите“ кои беа пласирани пред минатогодишните избори, рековте дека се разговори снимени пред формирањето на АНБ, но дека улогата на Агенцијата е да го открие нивното потеклото и начинот на обезбедување. Што откривте за една година, дали се знае чии се и како се обезбедени.
Дел од активностите во изминатиот едногодишен период беа и во насока на идентификување на потеклото и каналите за дистрибуција на нелегално снимените материјали. Сите добиени сознанија и податоци се проследени до надлежните јавно обвинителски институции. Воедно, Агенцијата поднесе соодветни кривични пријави за незаконско објавување на документи во три нови случаи, а постапката по нив тековно се одвива пред надлежните обвинителски и судски институции.
Почнува кампања за локалните избори, спремна ли е АНБ за „лов“ на нови аудио снимки, доколку ги има.
Да. Нелегалното снимање и објавување на таквите материјали е законски санкционирано и Агенцијата поаѓајќи од своите законски надлежности ќе ги преземе неопходните активности за нивно откривање и соодветно процесуирање..
Во двегодишното работење на АНБ , се соочи ли Агенцијата со реакција на внатрешната контрола за нарушување на работниот процес, како што бевме сведоци на излевање на информации од поранешната УБК.
Надлежностите на Единицата за внатрешна контрола во Агенцијата се законски утврдени и покрај останатото, вклучуваат и оценување на законитоста и почитувањето на професионалните стандарди во работењето, како и увид во примената на овластувањата од страна на работниците на Агенцијата. Во делокруг на организациската единица е и постапување по доставени обраќања од Народниот правобранител и Советот за граѓански надзор, согласно со закон. Внатрешната контрола во овој период беше целосно вклучена во расветлувањето на неколку случаи на непрофесионално постапување што резултираше со соодветни постапки од кои некои имаат соодветна дисциплинска и судска разрешница.
Со оглед на заложбата да продолжиме по патот по кој се движевме последните две години и да работиме на спречување и искоренување на лошите и штетни практики од минатото, работата на оваа организациона единица и натаму ќе биде една од клучните за остварување на нашата стратешка цел, а тоа е да бидеме кредибилен, професионален, независен и отчетен безбедносен сервис подготвен секогаш да делува во согласност со законската регулатива и со почитување на високи етички и професионални стандарди. Свесни сме дека само така, ќе можеме да креираме атмосфера на доверба и да обезбедиме поддршка од граѓаните како партнер во заштитата на безбедноста на државата.
Борис Куноски
фото Фросина Насковиќ