Парламентарното мнозинство на чело со СДСМ, денеска уште еднаш покажа дека нема слух за проблемите и потребите на граѓаните, рече пратеникот Љупчо Димовски од коалицијата За подобра Македонија.
– На денешната седница на Собранието на Република Македонија, беше одбиен предлог законот за трговија на зелени пазари кој го поднесоа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Овој закон кој што СДСМ експресно го одби, предвидува престанок на важењето на штетниот закон за трговија на зелени пазари кој го донесе СДСМ, без присуство на опозицијата. Свесни за штетниот закон кој што го донесоа, СДСМ во пресрет на изборите се одлучија да поднесат закон со кој се предвидува одложување на стапувањето на сила на законот после изборите, рече Димовски.
Тој додаде дека СДСМ наместо да го реши проблемот на пазарџиите само го одложува.
– Со штетниот закон на СДСМ се воведуваат казни од 1.500 до 2.000 евра и се бркаат пензионерите и хонорарците од зелените пазари. Законот кој што го донесе СДСМ директно ќе удри на најмалку 20.000 граѓани кои што егзистираат продавајќи на зелените пазари. Власта мора веднаш да престане со хајката по луѓето од зелените пазари, казните со илјадници евра и понижувањето на оние кои чесно работат. Овој штетен закон мора да се укине, а не да се одложува. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалцијата ќе бараат да се одржи и јавна расправа во рамките на Комисијата за економски прашања на која би се изнеле разни ставови и решенија од страна на сите засегнати страни од овој штетн закон, изјави Димовски.