Претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата Илија Димовски е оптимист дека денеска би можело да има избор на главен државен ревизор и да бидат избрани директори и членови на други институции и тела.
– Минатиот период бев во интензивни консултации со сите парламентарни групи во Собранието. Имам доволен обем на информации кои ми говорат дека денеска би можело да се случи конечно избор на главен државен ревизор, затоа и ја закажав седницата. Имам доволно информации кои ми даваат темелно право да мислам дека сме блиску до договор да има кандидат кој што би добил најширока можна поддршка од сите политички групи, изјави Димовски на прес-конференција во Собранието.
Според него, денеска ќе се направи обид да се пополнат и другите испразнети раководни места и тела. Сепак, Димовски предупредува дека за одредени прашања резултатот од гласањето би бил непредвидлив, имајќи предвид дека во Комисијата нема „цврсто мнозинство“ односно ниту владејачките партии ниту опозицијата.
-Не би можел да кажам дека за сите ќе ја завршиме процедурата денеска но би бил навистина задоволен по неколкумесечно закочување на работата на Комисијата барем за најзначајните да имаме ефективни резултати, рече Димовски.