Звонко ДИМОВСКИ:

Нешто и за манифестацијата Пиво фест Прилеп.
За да напишам нешто за Пиво фестот ме натера јавната изјава среде концерт во саботата на Влатко Стефаноски дека ова, пази богати, бил “најдобро организираниот Пиво фест до сега”!
Значи вака: Оваа изјава Влатко да ја дадеше дома, во кругот на семејството или да ја дадеше пред луѓе кои два три пати присуствувале на истиот, немаше што да му се замери.
Но, тој ја даде, без око да му трепне, пред луѓе, меѓу кои и јас, кои сме присутни на Пиво фест од првиот ден од неговото отворање и кои бевме сведоци како секоја година расте во една огромна манифестација која стана позната ширум светот и на која, на балканските звезди им беше чест и гордост да бидат повикани.

Секоја година во Прилеп се бараше место повеќе по хотелите само за да се биде присутен тука. Нашите иселеници ги врзуваа своите посети на Македонија со Пиво фестот, а тој растеше и растеше. А за да дојде до тоа, требаше некој и да се погрижи за фестивалот. Тука, сакал некој да признае или не, најголемите заслуги одат кај бившиот градоначалник Марјан Ристески и неговата екипа од општината која и денес е присутна таму, но некои не сакаа да го искористат нивното знаење и искуство за да им пружат четиридневно задоволство на своите сограѓани и гости од Македонија и странство.
Е сите тие изданија на Пиво фест, мој Влатко Стефановски, беа најдобри, зашто не можеше да се издвои кој е подобар. Секој нареден беше подобар од претходниот. Луѓето доаѓаа да се забавуваат, да се напијат и да каснат вкусно месо и воопшто не беа оптоварени, како сега, дека додека се забавуваат некој им ја растура државата.

Драг мој Влатко, годинешниот Пиво фест беше се само НЕ најдобар. Немаше редици од луѓе кои чекаат по половина час за да купат пиво, имаше само два ипол штандови, но и тие не го продадоа своето пиво. Саботата и неделата, кога колони од возила итале кон Прилеп, овој пат беа празни… Едноставно ја немаше онаа радост во воздухот кога Пиво фестот се одржуваше во државата Република Македонија.
И за крај, моја препорака до сегашниот градоначалник: Ако даде Господ и догодина да го организира Пиво фест нека си ја повика екипата на Марјан Ристески да го стори тоа или пак нека им плати за да им одржат неколку курсеви на оние од неговиот тим, оти ако вака ја тераат ќе ја уништат манифестацијата. Како што тоа го сторија и со државата.
п.с. Во прилог се фотографии од мојата архива како треба да изгледа Пиво фест!

Прилеп ВЕЧЕН