Пишува: Блаже Миневски
Големиот руски поет Александар Сергеевич Пушкин не бил убав човек, но жените го сакале како никој друг, воздивнувале по него на улица. Според Дарја-Доли Михајловна, внука на фелдмаршалот Кутузов, имало нешто диво во него, нешто што ги влечело жените како магнет! Во 1829 година во својот дневник во форма на срце запишува: „Пушкин, писател; беседите ги води волшебно – без претензии, со занес и оган.
Но, невозможно е да си понеубав од него: тоа е мешаница од надворешноста на мајмун и тигар. Бидејќи потекнува од африкански претци, во бојата на лицето му се забележува уште извесна црнина и има нешто диво во неговиот поглед“.
Верувајќи му на описот би рекле дека не е можно да има нешто меѓу нив, но сепак се случува нешто зашеметувачко, има дури и взаемни писма, а Доли навистина била девојка со шарм и неодолива привлечност.
На пример, императорот Александар Први случајно се запознал со неа и веднаш се вљубил. Во секој случај, таа болест ја има и кај царевите, би рекле. Да се вљубат на прв поглед!
Но, и покрај неодоливата привлечност, Пушкин сепак не излегол на двобој поради неа, ниту поради останатите 101 жена што ги имал во животот, туку поради Наташа Николаевна Гончарова!
Жената на најдобриот поет во Русија!
Во венчалната книга на московската црква „Христово воскресение“ стои забележано дека на 18 февруари 1831 година, триесет и двегодишниот Александар Сергеевич Пушкин се венчала со деветнаесетгодишната Наташа Гончарова. Притоа, додека траела церемонијата на венчавањето, од масичката пред попот паднале крстот и Евангелието, а во истовреме изгаснала и свеќата што ја држел Пушкин. Тој, со оглед на тоа што бил претерано суеверен, само пребледнел а рацете незапирливо почнале да му се тресат. Некој од присустните успеал да ја запали свеќата што му играла во раката. Тоа што се случило дента на венчавката можеби било мало дополнување на она што тој веќе го имал запишано во својот таен дневник:
„Првата љубов секогаш е прашање на чувствата. Колку што се поглупави чувствата, толку поубави се спомените што ги оставаат зад себе. Мојата идна сопруга Наталија е моја сто и трета љубов!” Замислете сто и три пати да му гаснела свеќата и сто и три пати некој да му ја палел додека стоел пред попот што во Москва!
А Натали навистина била преубава девојка – имала совршено тело, господско однесување и префинети манири. Пушкин бил фален и одрекуван, почитуван и омразен, а таа – таа била жената на најдобриот поет во Русија. Многумина неа ја сметле за кокетна, но тоа е погрешно. Триесет година по нејзината смрт биле побликувани писмата упатени до неа од Пушкин.
Во сите има искрено почитуваље, взаемност и љубов. Но, за жал, во својот краток брак, двајцата прават по една фатална грешка: тој ја изневерува, мислејќи дека таа не знае, а Натали се подлажува и оди на трајна средба со Дантес, нејзиниот зет за сестра, кој влечел зад себе серија скандали.
Во документите пишува дека баронот Жорж- Шарл Д’Антес, убиецот на Пушкин, роден на петти февруари 1812 година во францускиот град Колмар, бил полни триесет година помлад од Пушкин. Според зачуваните сведоштва тој бил човек што се трудел да им се допадне и на мажите и на жените.
Во секој случај, кога би живеел денес веројатно би учествува на некоја од „Парадите на гордоста“. Истовремено бил и голем интригант, но и алчен човек. Кога се женел за Екатерина, сестра на Натали, четири година постара од него, без срам и перде побарал мираз од десет иљади рубљи и уште по петсто рубљи за секој месец од бракот.
Небаре бракот е кредит на рати, а Екатерина треба да плаќа за да биде со него. Кутрата жена не живее долго – умира на 35 години, на третото породување. Девојченцето го крстиле Леони; пораснало во вистинска Русинка, ја боготворела Русија и поезијата на својот тетин, го чувала портретот на Пушкин над креветот во својата соба.
Но, како и зошто дошло до двобојот меѓу Пушкин и Д’Антес?
Во белешките од тоа време останало запишано и ова: „Натали беше толку убава што можеше да си дозволи да нема никакви други достоинства.“
Меѓутоа, се разбира, имала таа и други достоинства, а нејзиниот сопруг Пушкин не дозволувал да се извалка нејзината репутација, исполнувајќи ја докрај заклетвата да ја чува нејзината чест. Кога почнал да го издава списанието „Современик“, Натали станала нешто како секретар на редакцијата; набавувала дури и хартија. Го водела, исто така, и сметководството, но била и своевиден портпарол на Пушкин. Со еден збор речено живееле среќно. Ете токму тогаш се појавува Д’Антес, кој полека и настојчиво почнал да се доближува до преубавата сопруга на славниот руски поет, а таа бавно и безнадежно да ги продлабочува своите симпатии за него. Притоа, колку што можела, се спротиставувала на тие чувства, но, за жал, не успеала докрај во тоа. Поверувала во измислениот очај на својот зет за сестра Д’Антес; сериозно ги сфатила заканите во неговите писма дека ќе се убие, доколку таа ја откаже средбата со него. Исплашена дека нејзиниот зет навистина може да се убие, таа, иако ја знаела омразата на Пушкин кон Дантес, одлучува тајно да оди на назначената адреса, во домот на нејзината пријателка Идалија.
Средбата на Натали и Д’Антес не била „роднинска“, односно тој веднаш и се нафрлил на неа. Дури и ја удрил. Сепак таа некако успеала да се измолкне и побегне. Се уште растреперена, скршена и докрај разочарана од својот зет, стигнала дома и веднаш и раскажала се што се случило на Констанција, гувернантката на нивните деца.
Половина час подоцна истото му го раскажала и на Пушкин. Тој бил бесен – не бирал зборови ни за него, ни за неа. Таа премолчала, голтнала се што и рекол во лутината, иако знаела и за Доли, и за Александра Осипова, и за Надежда Сологуп, и за Карамзина, и за Галицина, и за Полина Шичкова…
Секако можела да му каже дека знае, а Пушкин не ќе можел да измислува во таа лутина ништо во своја одбрана. Факт е дека тој бил со нив и никогаш не ги заборавал жените со кој бил. Така, неколку месеци пред двобојот, во својот дневник ќе запише: „Денес имав јубилеј – ја опалив стотата!“
Свечен прием во „редот на рогоносците“!
Како и да е, договорите за средбите тогаш се правеле за време на танцувањето на баловите, а имало и таканаречени станови за љубовни средби. Знак се давал со прозорците: ако била крената завесата, или ако имало саксија со цвеќе, тогаш теренот бил слободен. Но, да се вратиме на Пушкин и Натали. Само еден ден по средбата на Натали и Д’Антес, значи утрото на четврти ноември 1836 година, Пушкин и уште неколку негови пријатели добиле анонимни писма во кои пишувало дека поетот свечено е примен во „редот на рогоносците“.
Едно такво писмо прочитала и Натали, па веднаш го замолила својот сопруг да го напуштат за извесно време градот. Гордоста на Пушкин не дозволувала такво нешто. Наместо заминување од градот, подалеку од малограѓанските озборувања, тој му праќа покана на Д’Антес за двобој. Холандскиот амбасадор Хекерен, за кој се зборувало дека е хомосексуалец, и кој подоцна ќе го посини Д’Антес, дошол кај Пушкин да го замоли двобојот да се одложи.
Поради закажаната свадба на Д’Антес и Екатерина, Пушкин се согласил пресметката да се одложи до 25 јануари. Следниот ден, на 26 јануари, во куќата на Пушкин дошол атешето на француската амбасада и му ја предал поканата за двобој со Д’Антес.
Во записите останало забележано дека за двобојот знаеле само неколкумина. Знаела и Екатерина, сестрата на Натали, но таа веќе му била венчана сопруга на Д’Антес и го мразела Пушкин. Притоа Натали не знаела ништо за двобојот. Кобното утро, одејќи кон местото за двобојот, санката на Пушкин се разминала со санката на Натали: таа била кусогледа а Пушкин гледал на страна. Да го видела сигурно ќе направела се да го спречи. Се разминале без да се видат, а кај Црна Река, местото одредено за пресметка, Пушкин стигнал речиси истовремено со Д’Антес. Секундантите го затапкале снегот, ги изброиле чекорите, ги наполниле револверите, им ги дале и почекале Пушкин и Д’Антес да застанат еден спроти друг на пропишаното растојание. Дувал силен ветар; очите им се смрзнувале од студ. Затоа час побрзо бил даден знак за отпочнување на двобојот. Пушкин прв стигнал до местото од каде што трбало да се пука. Според правилата – тој требало да пука прв. Застанал, го кренал револверот, нанишанил, но Д’Антес не чекал – пукнал прв, без да нишани!
Којзнае, можеби тоа било веќе договорено со секундатите! Паѓајќи во снегот, Пушкин ја видел крвта што бликнала од него, но сепак успеал некако да се крене на раце: „Почекајте, рекол, мислам дека можам да го испукам мојот истрел“. Потоа се потпрел на левата рака и успеал да стрела. Подмолниот Д’Антес паднал во снегот. Всушност – глумел. Пушкин прашал дали е ранет, а Д’Антес преправајќи дека е тешко ранет рекол дека е погоден во градите. Пушкин на тоа возвратил: „Браво!“ И го фрлил револверот во снегот.
Во следните неколку минути, односно најмногу половина час, големиот руски поет, тешко ранет, на мала душа, го однеле дома. Посакал да ги види жената и децата. Веста за настанот стигнала како молња. Куќата била полна со луѓе, а преполни биле и околните улици. Ранетиот пред сите што биле во собата каде што го внеле рекол дека Натали е невина, дека никогаш не се сомневал во неа. Ги гушнал и ги благословил децата.
Следниот ден неколку пати ја викал Натали во собата, ја држел за рака и ја гледал во очите. Побарал чаша ошав, а Натали клекната на коленици му давала со лажиче. Иако тешко зборувал, многу пати и рекол:
„Ти не си виновна“. Потоа, само неколку часа подоцна, на 29 јануари, гледајќи во книгите што ги имало насекаде во куќата, прошепотел: „Збогум, пријатели“, и умрел.
Неговото тело било изложено два дена во нивниот дом во Санкт Петербург. Целиот град, буквално целиот град, поминал крај неговиот ковчег. Бил погребан на први февруари 1937 година во Светогорскиот манастир кај Михајловское. До тој ден, Натали му била сопруга на Пушкин шест година, а по неговата смрт дваесет и две години му била сопруга на генералот Ленски. Умрела од воспаление на белите дробови, по тешка настинка, на 52 години. Генералот ја надживеал цели 40 години. Кога починал го погребале во нејзиниот гроб. Сега двајцата почиваат во Александар-Невските гробишта. Големиот Пушкин е далеку од својата Натали, но Натали сега не е кусогледа, а и Пушкин не гледа настрана додека се разминуваат со санките. И двобој нема да има, зашто Натали не е виновна за ништо, а Д’Антес одамна не постои!
Двобојот кај Црна Река
Во двобојот, одржан на 27 јануари 1837 година, на едната страна стоел славниот руски поет а на другата Д’Антес, личноста која Пушкин ја обвинил дека ја завел неговата сопруга. Ваквите пресметки во Русија, иако незаконски, биле честа појава за одбрана на честа меѓу руската аристократија. Според правилата што биле прифатени од учесниците, прво пукал едниот а потоа другиот, доколку бил во состојба да пука.
Првиот куршум во овој двобој го испукал Д’Антес, погодувајќи го Пушкин во стомакот. Ранетиот се фатил со едната рака за раната и паднал нанапред во снегот. Потоа со рацете се подигнал на колена, го вперил пиштолот и се обидел да стрела. Меѓутоа пиштолот бил мокар.
Пушкин побарал да го замени, и тоа му било дозволено. Со новиот пиштол успеал да стрела но куршимот само го закачил Д’Антес. Веднаш потоа бил однесен дома, каде што докторот се обидел да му ја санира раната, но Александар Сергејевич Пушкин не успеал да се извлече, починал два дена подоцна, на 29 јануари 1837 година.
Бидејќи владата се плашела од политички демонстрации на неговиот погреб, обезбедила помала локација за таа намена, а со тоа погребот бил отворен само за неговите најблиски и за пријателите. Затоа и неговото тело тајно било кремирано ноќта меѓу 28 и 29 јануари а урната била закопана на имотот на неговата мајка во близина на Светогорскиот манастир кај Михајловское. Во слава на најголемиот руски поет, триесет и три години подоцна, големиот руски писател Фјодор Михајлович Достоевски ќе рече: „Кај нас сè започнува од Пушкин!“
Црквата во која се венчале Пушкин и Наталија Гончарова
Црквата „Христово воскресение“ („Большого Вознесения“) во Москва е позната како место каде што се венчале Александар Сергеевич Пушкин и Наталија Гончарова во 1831 година. Навистина, просторијата каде што е одржано венчавањето, денес не е сочувана, затоа што црквата во меѓувреме била реконструирана, односно темелно обновена. Денес на тоа место е црковната камбанарија а во дворот има скулптура на Александар и Наташа.