Прашањето за контроверзниот договор меѓу Државна лотарија и Хеј ДОО за користење на просториите на поранешниот ресторан Фестина во Визбегово, не завршува со кривичната пријава поднесена пред една недела. Финансиската полиција продолжува да го чешла договорниот акт кој го носи потписот на поранешниот директор Перпарим Бајрами, кој моментално е во бегство, објави Алсат.

„Во Управата за финансиска полиција се спроведува истражна постапка во врска со договорот за закуп помеѓу Државна лотарија и „Хеј ДОО“ што резултираше со поднесување на кривична пријава, но Финансиската полиција продолжува да постапува по овој случај по наредба на Основното јавно обвинителство, врз основа на која се врши целосна анализа на паричните трансакции„, велат од Управа за финансиска полиција.

Инспекторите на Финансиската полиција утврдиле дека Бајрами со договорот потпишан во јули 2023 година направил штета од 400 илјади евра, бидејќи договорот не е склучен на уреден начин и согласно условите наведени во јавниот повик. Севкупно, Државната лотарија платила закупнина, повеќе од двојно поголема од реалната цена.

„Пријавениот склучил договор за закуп на деловен простор за 9 евра по квадрат, иако тогаш цената на метар квадратен за слични објекти според намена и тип во населба Визбегово се движела од 2,5 до 4,5 евра„, велеа од Управа за финансиска полиција на 19.02.2025.