Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, кој престојува во работна посета на Вермонт, се сретна со командантот на Националната гарда на Вермонт, директорот на Агенцијата за менаџмент на итни состојби, Федералниот координатор за подготовки во Федералната агенција за менаџмент на итни состојби и со градоначалникот на Берлингтон.
Цел на посетата, која трае од 1 до 4 март 2022 година, е размена на искуства и информации околу начинот на кој функционира кризниот менаџмент во сојузната американска држава Вермонт и сојузниот кризен менаџмент на САД, заради вградување на нивните искуства во реформите на системот за управување со кризи и заштита и спасување во земјава, со посебен акцент на системот за командување при инциденти.
Како што информираа од Центарот, на работните состаноци присуствуваше и раководителот на Секторот за меѓународна соработка на ЦУК, Урим Вејсели, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути и раководителот на сектор за цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана, Тони Петрески, а на дел од средбите учествуваше и Началникот на Генералштабот на Армијата. генерал потполковник Васко Ѓурчиновски заедно со полковниците Васко Коколановски и Лулзим Нуредини.
– Работните средби со дискусија за воено – цивилната соработка при итни состојби и кризи и разработка на различни сценарија на одговор при катастрофи ги предводеше командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал Грегори Најт, а покрај него учестваа и директорот на Агенција за менаџмент на итни состојби на Вермонт, Ерика Борнеман, Федералниот координатор за подготовки во Федералната агенција за менаџмент на итни состојби, Даниел Мекелхини, како и други претставници на Националната гарда на Вермонт, се наведува во соопштението и се додава дека во рамки на сите активности остварена е и средба на градоначалникот на Берлингтон, главниот град на Вермонт, Мајро Вајнбергер, како и посета на Противпожарната единица во овој град.