Судијката Диана Груевска-Илиевска уште на самиот старт на првото рочиште за случајот „Пулс“ стави јасно до знаење дека процесот ќе се води строго, дисциплинирано и без простор за одложувања, како што кажа, тие се правилата на игра за судењето.

Претставувајќи се, таа рече дека нејзин заменик, односно втор судија ќе биде нејзиниот колега Ахмед Идризи и четворица поротници, од кои еден резервен за да нема застој во постапката.

Груевска-Илиевска од почеток предупреди дека ќе има нулта толеранција за нарушување на редот на рочиштата и дека сите учесници мора да се придржуваат до правилата.

„Прво што ќе бараме е дисциплина. Прво ќе дадеме опомена, а потоа ќе има отстранување од судница, па и парична казна“, порача судијката, најавувајќи дека секое непотребно одлагање ќе биде санкционирано, а лекарските уверенија ќе се проверуваат детално.

Таа истакна дека судот ја разбира болката на семејствата, но постапката мора да се води професионално и без притисок. „Со секоја почит кон болката и тагата на родителите и роднините ќе имаме респект за тоа, но ние сме професионалци и ќе дадеме можност на сите да си ја кажат својата теорија и да понудат докази“, рече Груевска-Илиевска, додавајќи дека судот ќе биде транспарентен.

Поради ограничениот простор, судијката упати апел семејствата да се организираат така што по еден нивни претставник да присуствува на рочиштата, за да се овозможат елементарни услови за работа на сите учесници.

Таа потенцираше дека никој не може да предвиди колку ќе трае постапката, бидејќи, како што нагласи, „секое брзање може да доведе до грешка и пропаѓање на процесот“.

По воведните насоки, почна евидентирањето на присутните. Во судницата се присутни десет обвинители, а трае пописот на обвинетите и нивните адвокати.