Антикорупционерите сметаат дека постои основано сомнение дека градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу и овластениот градежен испектор не постапиле законски во случајот со изградба на објект на улица „Војдан Чернодрински” во општината и со тоа овозможиле прибавување корист за друго лице кое градело спротивно на законот.

„Барањето од група граѓани, кои што се обратиле до Државниот инспекторат за градежништво е од крајот на 2018 година. Ние, одговорот со сите ургенции го добивме три години подоцна“, изјави членот на ДКСК, Владимир Георгиев.

Според него, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам ја доставил претставката до овластениот градежен инспектор во општината Чаир, а од градоначалникот е побарано да ги преземе сите со закон предвидени дејствија.

„Бидејќи не бил добиен одговор од општината, Државниот инспекторат поднел ургенција, на која што повторно не добил одговор. Поради наведеното инспекторатот се обрати до ДКСК и изрази сомневање дека општината не поседува документи и станува збор за дивоградба, поради што се бара од ДКСК итно да побара одговорност од вклучените лица“, појасни Георгиев.

ДКСК, се обратиле до Општина Чаир, но не добиле одговор. По третата ургенција пристигнал одговор, при што е констатирано дека за објектот имало барање за утврдување статус на бесправно изграден објект и констатирано било дека објектот ги исполнува условите за легализација.

„Сето ова упатува на сомневање за неизвршување на својата службена должност на градоначалникот и овластениот градежен инспектор во општината. Доколку било постапено по барањата на инспекторатот и комисијата во периодот од крајот на 2018 година до крајот на 2021 година би можело да биде спречено и да бидат применети одредбите за уривање на градбата и други мерки предвидени во закон“, рече Георгиев.