Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе достави иницијатива до новата Влада со која ќе бара повторно преоценување на комплетната постапка за избор на членови и претседател на Комисијата за хартии од вредност, како и информација до новиот собраниски состав за преземените активности во однос на самата постапка и да се следи овој процес, информираа од ДКСК на денешната прес-конференција.
Ќе биде побарано да се утврди одговорност и да се преземат санкции за лицата кои не запазиле рокови и зошто не е формирана комисија за административна проверка на добиените пријави, како и зошто владината Комисија за именување не си ја завршила работата, но и да се види кој е одговорен за незаконско постапување и непримена на процедурите пропишани со закон и да се утврди одговорност.
-Тоа е она што постојано го коментираме за системска корупција, кога корупцијата се јавува во највисоките нивоа на државните органи, што останува за корупцијата во другите органи. Се е по Устав и по закон, но ништо не е правилно, а наше е да го обелодениме сето тоа, рече Катица Николовска од ДКСК.
Според неа, најинтересен е изборот за член на КХВ на Лиле Делиџакова сестра на Катица Јанева, за која дел од документите што ги има доставено во апликацијата се со датум подоцна од датумот до кој требало да се достават до Владата. Владата ја избрала без да биде обезбедена целокупната потребна документација согласно Законот за хартии од вредност.