Кремљ е загрижен за Шишимарин и ќе бара начини да му помогне, изјави денеска портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков.
Ова е прва официјална реакција на Москва откако 21-годишниот руски војник Вадим Шишимарин денеска беше осуден на доживотен затвор во Киев за убиства на цивили во Украина.
– Секако дека сме загрижени за судбината на нашиот граѓанин. Немаме многу можности да ги заштитиме неговите интереси. Но, тоа не значи дека нема да ја разгледаме можноста да му помогнеме преку други канали, рече Песков.
Дваесет и едногодишниот руски војник Вадим Шишмарин денеска е осуден на доживотен затвор затоа што усмртил цивил, на првото судење за воени злосторства во Украина, јави ДПА.
Судот во Киев денеска сметаше дека Обвинтелството ја докажа неговата вина по признанието на војникот дека застрелал 62-годишен цивил среде руската инвазија на Украина.
Престрелката се случила во селото Чупахивка, во североисточниот регион Суми. Војникот, кој е од Сибир, рече дека дејствувал по наредба на неговите претпоставени. Тој се извини и побара прошка од вдовицата на цивилот за време на судењето.
Обвинителството побарало доживотен затвор. Одбраната се залагаше за ослободителна пресуда, велејќи дека војникот извршувал наредба.
Казната ќе стане правосилна дури по евентуална жалба.
Можно е војникот да биде разменет за украински затвореници во Русија, наведува германската агенција.