Политичките елити во Македонија и Бугарија на моменти се однесуваат како да не ја забележуваат сложената ситуација во соседната земја, не ги „премеруваат“ своите реакции и се претвораат во взаемни заложници на нивните тешки внатрешно-политички дебати, коментира денешен софиски „Дневник“.

Кои настани и процеси ги доведоа двете страни до провокации, а секоја од нив се прави дека не ги забележува? Одговорот покажува дека Софија и Скопје ги повторуваат истите грешки.

Со приближување на изборите Скопје влегува во агендата на Софија. Бугарското вето за преговорите на Македонија со ЕУ дојде неколку месеци пред гласањето во април 2021 година, а со тоа и – консолидација на „бугарската позиција“. Тензиите ги придружуваа сите предвремени избори потоа, иако не беа доминантна тема.

Според коментарот во весникот, и наредните избори не се исклучок. Посетата на европратеникот Ангел Џамбаски и лидерот на „Преродба“ Костадин Костадинов со поддржувачи на Скопје за чествувањето на Мара Бунева и нивните изјави предизвикаа лавина реакции во македонското општество, а истовремено ги потресоа властите во Скопје додека се обидуваат да обезбедат мнозинство за уставните измени утврдени во минатогодишниот договор со Софија (и со ЕУ).

Откако се наведуваат изјавите и настаните по претепувањето на Христијан Пендиков во Охрид, во коментарот повторно се навраќа на уставните измени со забелешка дека Скопје се натпреварува со времето. Уставните измени, според планот, треба да завршат до ноември, а властите се обидуваат да го издржат притисокот на кој што се изложени и од други страни, а не само од Бугарија.

Во текстот притоа се заклучува дека и при многу поопасни конфликти од бугарско-македонскиот, кога тензиите се зголемуваат и кога ќе се претворат во нова бура не е важно „кој прв почнал“, туку некој да запре.