Компаниите снабдувачи со електрична енергија најдоцна до 3 декември треба да аплицираат на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач со електрична енергија што го распиша Владата во септември, согласно новиот Закон за енергетика, што треба да се реализира до крајот на годинава.

Главните критериуми за избор се: фирмата да има капитал од 20 милиони евра, искуство во дејноста и способност за испорака на сметки, а пресудна ќе биде цената што ќе ја понудат за маржата за покривање на нивните трошоци. Изборот треба да заврши до крајот на годинава, а универзалниот снабдувач да почне со работа од 1 март. Во случај тендерот да пропадне, снабдувањето како и досега ќе го врши ЕВН Македонија.

На јавниот повик можат да учествуваат 28 домашни лиценцирани фирми во соработка со други компании од земјава и од странство, а изборот на компанијата која ќе ги снабдува домаќинствата со струја ќе го врши комисија предводена од МАНУ.

Изборот на универзален снабдувач е еден од условите за целосна либерализација на пазарот на електрична енергија што треба да почне од 1 јануари идната година. Експертите не им преорачуваат на домаќинствата на почетокот да излезат на слободниот пазар, бидејќи според нивните пресметки би требало да плаќаат повисока цена за електричната енергија. Владата, пак, уверува дека ќе има пониска цена на слободниот пазар за малите фирми кои сега плаќаат индустриска цена за електричната енергија. Токму универзалниот снабдувач треба да ја гарантира цената за домаќинствата и за малите потрошувачи што ќе се одлучат да останат на регулираниот пазар.

Нема интерес за учество на тендерот

Според неофицијалните податоци, досега ниту една од компаниите не пројавила интерес да се јави на јавниот тендер за избор на универзален снабдувач, но претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски уверува дека нема простор за загриженост и доколку не се избере универзален снабдувач , бидејќи ЕВН Македонија ќе ја врши дејноста на регулирано снабдување до изборот, а цената ќе ја гарантира АД ЕЛЕМ.

-Во Македонија над 20 компании имаат лиценца за продажба на електрична енергија, од кои осум се активни на пазарот. Споредено со регионот, ние имаме најголем број на активни снабдувачи и процентот на реална либерализација на пазарот на електрична енергија е највисок, околу 50 отсто. Затоа очекувам дека некои од овие осум активни снабдувачи  ќе се пријават на тендерот за да се стекнат со правото да бидат универзален снабдувач и да ги снабдуваат малите потрошувачи и домаќинствата кои нема да излезат на либерализираниот пазар, вели Бислимовски.

Главен тендерски услов за избор на универзален снабдувач, додава, е најниската маржа која ќе биде понудена.

-Тој ќе има право во наредните пет години да ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата и во тој период ќе му биде гарантирана маржата. Не може ништо да се случи и во случај да не биде избран универзалниот снабдувач. Доколку не се избере универзален снабдувач, ЕВН Македонија ќе ја врши дејноста на регулирано снабдување, потенцира Бислимовски.

Ако не биде избран универзален снабдувач, посочува, граѓаните треба да бидат мирни и за цената на електричната енергија, бидејќи во првите пет години неа ќе ја гарантира АД ЕЛЕМ.

-Законот за енергетика има заштитен механизам за малите потрошувачи и за домаќинствата поради тоа што  АД ЕЛЕМ ќе биде обврзан во 2019 година да обезбедува најмалку 80 отсто од потребите на малите потрошувачи и домаќинствата, па 75 отсто во 2020 година и за секоја во наредните седум – осум години, кога овој процент ќе се намалува за пет отсто годишно. Во моментов производната цена на ЕЛЕМ е околу 39 евра за мегават час. Всушност преку цената на ЕЛЕМ ќе обезбедиме најдобар и најголем механизам за заштита на домаќинствата за да нема ценовни шокови, појаснува Бислимовски.

Доколку има потреба од увоз на електрична енергија, додава, и ако цената за увозот е повисока, таквиот трошок ќе треба да му го признаеме на универзалниот снабдувач.

-Во периодов има тренд на пораст на цената на електричната енергија на регионалните берзи, но сметам дека ЕЛЕМ во најголем дел може да ги задоволи  потребите за домаќинствата, потенцира Бислимовски.

Нема одлагање на либерализацијата на  пазарот

Нема одлагање на либерализацијата на пазарот за електрична енергија, без разлика дали на тендерот ќе се одбере универзален снабдувач. Во периодот додека не се избере, домаќинствата ќе ги снабдува ЕВН Македонија за да се обезбеди сигурност во снабдувањето на сите потрошувачи.

-Доколку овој тендер биде неуспешен, ќе се распише нов тендер, а ако тој не успее тогаш Владата ќе треба да побара мислење од Регулаторната комисија за енергетика како да постапи натаму, вели Бислимоски.

Тендерот за избор на универзален снабдувач го распиша Владата, а РКЕ, посочува, нема информации кои од снабдувачите се заинтересирани да се пријават на огласот.

-Ние само бевме должни да ги подготвиме критериумите врз основа на кои требаше да се распише тендерот и да ги доставиме до Владата. Пред да ги доставиме критериумите до Владата организиравме неколку заеднички состаноци со снабдувачите со цел да им ги претставиме критериумите и да ги чуеме нивните забелешки и на тој начин да ги подобриме. Дадените забелешки ги инкорпориравме и ги доставивме до Владата. Од тој момент до сега Владата го води процесот, потенцира Бислимовски.

До назначување на новиот универзален снабдувач, прецизира, таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел, како што вели, да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.

-Ако никој не се пријави на огласот со Законот се предвидени повеќе начини, меѓу кои и обврската за објавување на уште еден тендер, како и РКЕ да и предложи на Владата како да постапува во натамошната постапка, односно дали ќе оди со уште тендери или ќе се прават консултации со одредени снабдувачи, вели Бисмиловски.

Појаснува дека во Македонија веќе постојат  сите предуслови за конкурентен пазар на електрична енергија.

-Ние сме единствена земја во регионот во која има осум активни снабдувачи со електрична енергија, а и нашиот процент на реална либерализација е највисок во регионот и изнесува 50 отсто. Карактеристично е што Македонија е единствена земја во регионот каде приватна компанија која не е произлезена од поранешното вертикално интегрирано претпријатие е најголем снабдувач со електрична енергија на пазарот, потенцира Бислимовски.

Македонија со ниска цена на струјата

Цената на струјата за домаќинствата кај нас е една од најниските во Европа и регионот, единствено Србија има нешто поевтина струја во овој сегмент.

Со либерализацијата на пазарот граѓаните и малите фирми ќе можат да изберат која компанија да ги снабдува со електрична енергија. Досега таква привилегија имаа само поголемите компании.

Според познавачите, на почетокот на либерализацијата на пазарот на граѓаните нема да им се исплаќа да излезат на слободниот пазар на електрична енергија, зашто ќе треба да плаќаат повисока цена од регулираната. На малите компаниии, пак, кои сега плаќаат индустриска цена за потрошената електрична енергија ќе им биде поисплатливо да бидат на слободниот пазар, бидејќи тие сега имаат двојно повиски сметки и на некој начин субвенционираат да биде пониска центата на струјата за домаќинствата.

Токму затоа во вој момент домаќинствата не се во фокусот на фирмите кои вршат снабдување со електрична енергија на слободниот пазар.

– Во оној момент кога снабдувачите ќе водат малку поинтензивна кампања, корисниците ќе бидат доволно запознаени дека можат да купат електрична енергија и на слободниот пазар. Тие ќе можат да им понудат различни пакети за да ги привлечат да купуваат струја од нив. Но, според она што го знаеме, домаќинствата не се фокус на снабдувачите, бидејќи и маржите на слободниот пазар би биле пониски, истакнува Бислимовски.

МИА