Градежната компанија Атриум, во сопственост на семејството на пратеникот Крсто Мукоски, кој беше исклучен од ВМРО-ДПМНЕ, зашто лани гласаше за промена на името, доби уште еден тендер од 3 милиони евра, објави Фокус.

Како што објавуви порталот, според податоците од Бирото за јавни набавки, Атриум ДОО од Вевчани и УХМР во јули годинава склучиле 3 договори за реновирање и санација на објектите на метеоролошките станици и полигони во Берово и Виница, вториот за метеоролошките станици во Лазарополе и Пожаране и третиот за станиците во Претор и Охрид.

Во последниот период компанијата склучила уште неколку договори за јавна набавка, така што во минатата 2018 година склучила договор со Министерството за образование за реконструкција на училишта од над 7 милиони денари, со Град Скопје за енергетски фасади од 2,5 милиони денари, но најголем е договорот до ПУИК за тековно и инвестициски оддржување на објекти од 42 милиони денари, пишува Фокус.

Според податоците од Централниот регистар, сопственици на компанијата се таткото и братот на пратеникот Мукоски – Милан и Бобан Мукоски.

Колку за потсетување, по промената на власта, новата влада ја обвини нивната компанија дека склучила неповолен договор со претходното раководство на ПУИК за Националната арена Телеком, така што, говореше тогаш владиниот генсек Драги Рашковски, само варосувањето чинело 10 евра по квадрат.