Заедничкиот македонско-грчки комитет на експерти на Македонија и Грција не може да почне со работа пред ратификацијата на Договорот од Преспа во двете земји, рече Зоран Заев попаднево во парламентот, потенцирајќи дека тоа би можело да се случи во март. 

Одговарајќи на прашање на пратеничката Магдалена Манаскова од ВМРО-ДПМНЕ во врска со експерите ангажирани во Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти што го формираа Македонија и Грција, Заев рече дека дел од членовите од македонска страна се универзитетски професори и оти за такви комисии никогаш немало конкурси.

– Договорот прецизира во кои области ќе работат комисиите. Целта е да ги отстраниме сите оние работи кои предизвикаа иредентизам, или се спротивни од желбата за градење на пријателство, за меѓусебно признавање, прифажање или слично, убедени дека низ пријателството ќе отвориме други перспективи за многу граѓани, пред се, граѓани и од Македонија и од Грција што дефинитивно ќе биде од помош во сите сфери од општественото живеење, рече Заев

На забелешката на пратеничката, премиерот кажа дека може да биде предложен експерт и дека доколку може комисијата ќе биде дополнета.

– Целта е и преку овие стручни комисии да ги извадиме аргументите на двете страни. Преку аргументите и преку филозофијата на пријателството идно, да ги изнајдеме начините, рече премиерот.