Во првото полугодие од прилепските училишта се испишале околу 130 ученици и со нивните родители заминале во странство. Ова се бројки кои загрижуваат и трендот се зголемува, вели Гоце Бумбароски, одделенски наставник и советник за млади во Општина Прилеп.
– Во последниве шест месеци од десет основни и пет средни училишта се испишани околу 130 ученици. Ако ги земеме предвид последните години, овие бројки само се зголемуваат. Ова е состојба која треба да нѐ замисли сите нас, возрасните, зашто ние сме тие што ги создаваме политиките и ги креираме условите во кои нашите деца и ученици треба да растат и да живеат и да се образоваат – вели Бумбароски.
За Ахил Јаков, директор на прилепското Основно училиште „Климент Охридски“, ситуацијата е поразителна. Во првото полугодие, поради иселување, се испишале 22 ученици. Трендот кој е во последните четири години стана и секојдневен. Бројките се поголеми зашто станува збор за цели семејства.
– Од почетокот на оваа учебна година, од септември досега, според статистичките податоци имаме поразителна бројка. Од септември се испишани 22 ученика од нашето училиште и со родителите се заминати во странство. Податоците за последните четири години ја потврдуваат тенденцијата на заминување на учениците со родителите во странство. Лани заминале 14 ученици, а во учебната 2020/21 година заминале 13 ученици. Тенденцијата на заминување почнува од учебната 218/19 кога заминаа 37 ученици, а наредната 2019/20 учебна година заминаа 27 деца. Досега вкупно 113 ученици се испишале за четири години. Овие бројки значат многу повеќе зашто секој ученик поврзува цело семејство. Конкретно, денеска примив родители кои испишаа 5 ученика, а за неполна недела се веќе 7 испишани ученици поради преселување во странство – вели Јаков.
Советникот за млади во Општина Прилеп, Гоце Бумбароски, смета дека мора да се најде алтернатива на оваа безизлезна ситуација.
– Се намалуваат паралелките, а со тоа се намалуваат и можностите да напредуваме како училишта и да создаваме ученици кои во иднина ќе бидат жители на Македонија и ќе создаваат вредности заедно со нас – вели Бумбароски.
Извор: МИА