Додека Македонија чека од пријателите од Грција и Бугарија, како што најавуваше премиерот Зоран Заев, Србија купи вакцини од Кина и таму веќе се спроведува вакцинацијата против Ковид-19.
Авионот со товар од еден милион дози на кинеската вакцина Синофарм денеска слета на белградскиот аеродром Никола Тесла, а беше пречекан од српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој најави дека и новинарите ќе бидат вклучени во приоритетната листа за вакцинирање, јави дописникот на МИА од Белград.
Вучиќ посочи дека со овие еден милион дози ќе бидат вакцинирани половина милион луѓе.
– В понеделник ќе пристигнат уште 19.500 дози од вакцината на Фајзер, а во вторник уште 250.000 на вакцината Спутник V, така што до среда ќе имаме над 1,4 милиони дози во Србија, истакна Вучиќ.
Како што соопшти кризниот штаб, Агенцијата за лекови веќе започнала со постапката за контрола на кинеската вакцина дали ги исполнува сите стандарди, а се очекува „доколку успешно помине“, вакцинацијата да започне утре или в понеделник.
Досега ги набавивме сите вакцини врз основа на билатерални договори, посочи Вучиќ.
– Преку Ковакс, не примивме ниту една вакцина, како ни другите, ниту една вакцина, иако плативме 4,85 милиони долари котизација, дадовме уште два милиони евра. Оливер Вархеjи е добар човек и не се сомневам. Есента ќе биде за нас потешка, изјави претседателот на Србија.
Тој потврди дека со кинеската вакцина ќе биде вакциниран за една недела и дека преговара со Ковакс за вакцината АстраЗенека и дека очекува „до јуни и јули во Србија да има пет или шест видови вакцини“.
Вучиќ исто така кажа дека побарал од премиерката да ги стават новинарите на приоритетната листа и дека од понеделник и вторник, новинарите ќе можат веднаш да се вакцинираат, бидејќи работат на терен-да не ги загрозуваат нивните роднини и соговорници.
Српскиот претседател изрази загриженост за новите видови на Ковид-19, што доаѓаат од Велика Британија и Јужна Африка и оти е „страшно важно да се забрза вакцинацијата во Србија“.
Тој побара од министерот за здравство Златибор Лончар од вторник да започне вакцинирањето буквално насекаде и да ја испрати вакцината во најоддалечените делови на земјата.