Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со амбасадорот на Холандија, Дирк Јан Коп, државната секретарка во МВР, а воедно и национална координаторка за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, Магдалена Несторовска, јавната обвинителка Гордана Смаќоска, како и шефицата на Канцеларијата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), Соња Божиновска Петрушевска, учествуваа на завршната обука за криумчарење мигранти и други облици на транснационален криминал.
Тоа е последната од серијата од осум обуки што беа спроведени во рамки на проектот „Поддршка на националните капацитет во борбата против криумчарењето мигранти и други видови транснационален организиран крминал во Република Македонија”, финансиран од Кралството Холандија, а имплементиран од страна на Меѓународната организација за миграции – ИОМ во државава.
– Борбата против трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти е поставена високо на агендата во нашата држава и тоа преку воспоставени институционални структури за нејзино успешно сузбивање и механизми, како и за поефикасно справување со последиците кои произлегуваат од овие кривични дела. Овде, несомнено морам да ја споменам и помошта што ја добиваме од нашите партнери, со чијашто поддршка успеваме да надминеме голем дел од препреките и предизвиците кои криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе ги носат со себе и од нив да излеземе поцврсти во определбата за натамошен развој на нови механизми за заштита и помош, рече министерот Спасовски во воведното обраќање.
Истакна дека од исклучително значење е оваа континуирана поддршка што Меѓународната организација за миграции – ИОМ во Република Македонија ја обезбедува во насока на зајакнување на капацитетите за справување со последиците од миграциската криза, со поддршката и во делот на воспоставување на Националната единица за сузбивање на криумчарење на мигранти и трговија со луѓе, па сѐ до помошта за јакнење на капацитетите на оваа меѓуинституционална единица, ИОМ низ годините наназад останува постојан стратешки партнер.
Министерот Спасовски нагласи дека придонесот и резултатите на Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе изминативе четири години ја оправдаа довербата, а акцентот при самото формирање беше ставен на јакнење на меѓуинституционалната соработка, која како форма на делување е повеќе од потребна за ефективно сузбивање на трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти.
Според него, и денешнава завршна обука, во форма на студија на случај/симулација во живо, ќе им овозможи на учесниците унапредување на вештините и знаењето, како и нивна примена во пракса, со цел успешно справување со транснационалниот организиран криминал, а особено криумчарењето мигранти и трговијата со луѓе.
Во таа насока, како и досега, рече тој, продолжуваат заложбите и стратешки определби, пред сѐ преку директна соработка во проекти и иницијативи на Министерството за внатрешни работи со Јавното обвинителство, кои имаат за цел зајакнување на капацитетите и успешно справување со сите предизвици што ги носат миграциските процеси.
На завршниот настан на обуката за криумчарење на мигранти и други облици на транснационален криминал се обрати и државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска, која ја истакна потребата од континуирано одржување на ваков тип обуки, кои преку вежби засновани на симулација на случаи имаат за цел градење на капацитети и зајакнување на вештините на практичарите за ефективно истражување и гонење на случаите, како и навремено идентификување на тргуваните лица, долж миграциските рути, преку промовирање на мултисекторки пристап заснован на човековите права.
– Поради сложеноста на проблематиката, вклучително и координацијата помеѓу ефективната истрага и заштитата на жртвите и мигрантите, честопати е тешко да се обучат експерти на начин што истите ќе бидат подготвени да се соочат со различни ситуации кои ги носи секојдневната динамика и притисоците на работа. Ова е уште една причина зошто обуките, особено од ваков тип, па и во проширен состав, се одличен пример како учесниците практично би можеле да ги применат стекнатите знаења од класичната обука и да се детектираат/ симулираат одредени проблеми, кои би требало самите веднаш да ги решат, потенцираше меѓу другото Несторовска.
Како што веќе објавивме, четврти ден нема никакви информации од МВР за кражбата на оружје од нивниот магацин во Охрид.