Во дел од договорот со „Бехтел и Енка“ дефинирано е и тоа дека изведувачот на коридорите 8 и 10д е должен да користи локални ресурси на кои ќе бидат потрошени не помалку од 51 отсто од цената на договорот од 1,3 милијарди евра. Случајно или не, некој заборавил тука да дефинира што се тоа локални ресурси и кој ќе дава согласност за користење токму на тие локални ресурси, пишува МКД.мк
Во договорот пишува дека „локални ресурси значат ресурси од земјата вклучително работници, компании, услуги и материјали. Онаму каде што е тоа практично, изведувачот ќе им даде фер и разумна шанса на изведувачи од земјата кои што ќе бидат назначени како подизведувачи и постигната е согласност дека не помалку од 51 % од цената на договорот ќе биде потрошена на локални ресурси“.
Според градежници кои веќе учествувале во вакви договори како подизведувачи, тука се работи за сосема непрецизни одредби и негрижа на потписниците на договорот за допрецизирање на оваа обврска на изведувачот.
Што е тоа локални ресурси, прашуваат тие во разговор за МКД.мк. За овој дел од договорот, особено кога се работи за меѓународни договори, вообичаено е да се дефинира земјата на потекло, земјата на производство, државјанин на РМ.
Вака, „Бехтел и Енка“, според овој договор, може да си регистрира колку сака фирми во Македонија, кои без никакви ограничувања ќе влезат во дефиницијата локални ресурси, а парите на крајот пак да завршат надвор од Македонија. Во договорот требало да има ограничување за тоа дека во локални ресурси влегуваат, на пример фирми кои работат во Македонија најмалку три години, велат нашите соговорници.
Овие новоформирани фирми материјалите и услугите сосема слободно ќе можат да ги набавуваат од странство, а на „Бехтел и Енка“ да им ги продаваат како домашно производство. А тоа значи дека овие услуги ќе влезат во оној процент од 51% за „локални ресурси“. Со оваа одредба сосема е можно сите пари на крајот да завршат надвор од Македонија, а формално тие 51% да бидат исполнети.
На пример во договорот на Македонија со кинеската компанија „Синохидро“, објавен во Службен весник бр.149 од 2013 година, пишува дека „изведувачот е должен да ангажира подизведувачи со седиште во Република Македонија кои се регистрирани во Централниот регистар на РМ пред 1 јануари 2012 година“.
Според нашиот соговорник, „Бехтел и Енка“ ја има целата слобода во изборот на домашните компании подизведувачи, без никаква согласност од надзорот или пак од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Ова значи дека нема да има никаква контрола во изборот на изведувачот од македонска страна. Дискрециското право е кај „Бехтел и Енка“. Во вакви договори вообичаено е странскиот изведувач сепак да има обврска да побара некаква согласност или од надзорот или од финансиерот, во случајов ЈПДП. Вака, можат да се јават фирми подизведувачи кои ѝ должат на државата за неплатен данок, кои се должници кон други компании, фирми кои имале негативни рецензии во изведувањето на проекти финансирани од државата, а пак индиректно да бидат платени од државата.
Она што ги зачудува градежниците е и тоа што во овој договор нема рокови за плаќање на подизведувачите. Македонските градежни компании имале искуства во вакви случаи на доцнење со плаќањето за завршените работи да бидат уценувани со дополнителни попусти.
Во договорот со „Синохидро“ пишува дека изведувачот е должен да користи „градежни материјали и други стоки и услуги произведени и изработени во РМ“. Во овој договор е предвидено за секој подизведувач да се добие согласност од надзорот или од ЈПДП за поголема вредност од договорите. Тука, рокот за плаќање е дефиниран на 30 дена.