По спорот за историјата и за историски личности, сега Македонија спорат и за тоа чиј е Акцискиот план за подобрување на односите по ветото од Бугарија за Македонија за почнување преговори со ЕУ.
Во наредниов период властите во Скопје ќе ги разгледуваат коментарите што пристигнаа од Софија на македонскиот предлог Акциски план, по што ќе биде изградена јасна позиција на земјава во обид за враќање на довербата меѓу Македонија и Бугарија и одблокирање на нашиот европски пат.
Специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски вчера во изјава за МИА нагласи дека секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна, кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8, соработката во образованието, енергетиката, културата, економијата, информатичкото општество.
– Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на мои патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата не упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а ваквите работни средби се токму чекор напред кон решение, нагласи Бучковски.
Бугарското Министерство за надворешни работи во понеделникот соопшти дека Бугарија предложила „акциски план за соработка со РС Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“ и оти документот се однесува на сите ресорни министерства, а се очекува да биде потпишан на следниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот).
Меѓутоа шефот на дипломатијата Бујар Османи појасни дека тоа што е добиено од Софија всушност е бугарско гледање на нашиот Акциски план, односно „размена на идеи по однос на тој план“.
Предлог Акцискиот план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година земјава го достави до Бугарија кон крајот на минатата година.
Бугарскиот одговор, како што пренесе „Еуроактив“ повикувајќи се на дипломатски извори, има предлози поврзани со железниците и инвестиции на бугарски компании во Македонија, како и за отворање филијали на бугарски универзитети во Македонија, а опфатени се и учебниците по историја.
Но, и покрај оптимизмот и во Скопје и во Софија, заменик директорката на Европскиот совет за надворешни односи (EЦФР), Весела Чернева во изјава за бугарскиот весник „Дневник“ вели дека придвижување во спорот меѓу двете земји може да има само ако дојде до промена на владејачката коалиција во Бугарија.
– Конкретно за С. Македонија не гледам дека оваа Влада има желба и намера да прави што и да било до март, така што за напредок можам да зборувам најрано кон средината на годината, наведува Чернева, оценувајќи дека наместо Скопје да ја „турка“ оваа тема во предизборието во Бугарија, двете земји треба да се посветат на конкретни проекти.
Според Чернева, вметнувањето на прашањата од историјата во процесот на проширувањето претставува опасност, бидејќи ако историскиот реванш се промовора преку ЕУ, таа би се распаднала.
– Се надевам дека Бугарија ќе ги запре овие обиди, бидејќи ова дополнително ќе ја изолира и ќе си направи да и е потешко. Видовме дека не само Чешка, Словачка и Германија, туку и сите 26, јасно ставија до знаење дека не го прифаќаат бугарскиот аргумент. Дури и соседите како Грција и Романија, на кои Бугарија теоретски би требало да може да се потпре, не покажаа соседска солидарност, оценува Чернева.
Таа, сепак, не е оптимист околу напредок во проширувањето за време на португалското и словенечкото претседателство со ЕУ во текот на оваа година.
– Мислам дека ќе биде многу тешко да се постигне напредок. Концептот за проширувањето ќе биде разгледан политички, затоа што ако само кажеме дека проширувањето постои, а во практика е невозможно да се исполни, тоа ги демотивира земјите кандидати. Пристапот „ние ги лажеме дека ги сакаме, тие не лажат дека ни веруваат“ – повеќе не функционира, вели Чернева, оценувајќи дека Бугарија само ја завршила „валканата“ работа околу застојот во проширувањето и затоа и молчат другите земји на кои им одговара ваквиот развој на настаните.