Со оправдано задоцнување, како што истакна грчкиот премиер, токму поради обврските што произлегоа од „еден од најважните и историски договори“, во Министерството за надворешни работи на Грција, денеска беше пресечена и поделена традиционалната новогодишна пита, јави дописничката на МИА од Атина.

На присутните во грчкото МНР им се обрати Алексис Ципрас, кој се заблагодари меѓу другото и за “придонесот за историскиот Договор од Преспа” и рече дека е оправдано што новогодишната пита се дели на крајот на февруари.

-Сепак никој нема поплаки бидејќи работата што ја направи Министерството за надворешни работи во изминатиот период и многу важниот придонес за улогата на татковината на меѓународно поле, го оправдува ова мало задоцнување, бидејќи не можевме да делиме пити во моментот кога беше во тек еден од најважните и историски договори кои ќе ја означат надворешната политика на земјата и веќе ја имаат надградено улогата на нашата надворешна политика, рече грчкиот премиер во кусото обраќање во грчкото МНР.

Во присуство на шефот на дипломатијата, Јоргос Катругалос, неговите заменици, Маркос Боларис и Теренс Куик, алтернативната министерка Сиа Анагностопулу, како и дипломати и вработените во Министерството за надворешни работи, но и новинарите, грчкиот премиерот Алексис Ципрас, ја пресече и подели новогодишната пита со паричка. Среќникот, кој ќе добие три слободни денови, беше советникот за надворешна политика на Ципрас, Евангелос Калпадакис.