Германското Министерство за внатрешни работи во март минатата година побарало експертиза од реномирани институти и универзитети за епидемијата. Целта била да се „шокираат“ граѓаните со хорор сценарио со цел да се прифатат „репресивни мерки“, пишува „Дојче веле“.
Германскиот дневен весник „Дие Велт“ минатата недела објави дека дошле до 200 страници со електронска кореспонденција меѓу врвот на Министерството за внатрешни работи и одредени научници. Таа преписка покажува дека Министерството ги замолило научниците да излезат со разни фрази кои го прикажуваат можниот развој на епидемијата на корона во најцрни бои.
Според „Велт“, Маркус Кербер, кој е државен секретар во Министерството за внатрешни работи, предводено од баварскиот политичар Хорст Зехофер, им се обратил на научниците на 19 март минатата година. Кербер му пишал на Лотар Вилер, шеф на владиниот институт „Роберт Кох“, потоа на Институтот за економски истражувања во Лајбниц, Институт за германска економија и Фондација за наука и политика, како и на некои универзитети. Кербер ги замолил „да развијат модел врз основа на кој може да се планираат мерки од превентивна и репресивна природа“.
Како што пишува „Велт“, научниците веднаш се фатиле за работа и за четири дена спремиле лист со формулации погодни да предизвикаат паника. Тоа биле формулации кои потоа биле доработени заедно со Министерството, кое на крајот, со помош на тоа сценарио, го скроило својот документ, кој го прогласило за таен.
Меѓу другото, во документот се зборува за „најлошото сценарио“. Еден пример изгледа вака: „Ако наскоро се заразат 70 проценти од популацијата, повеќе од 80 проценти од пациентите за интензивна нега ќе мора да бидат одбиени, а бројот на смртни случаи во Германија ќе надмине еден милион“.
Весникот исто така вели дека во документот пишува за тоа „како да се постигне шок-делување во општеството“ така што ќе биде подготвен да го избегне најлошото сценарио. Тоа требало да се постигне со вметнување на слики во главите на луѓето: „ Многу сериозно болни луѓе беа донесени во болница од страна на нивните семејства, но тие не можеа да бидат примени и починаа дома во агонија, борејќи се за воздух“.
„Велт“ пишува дека документацијата покажува дека научниците не биле едногласни кога станува збор за короната, поточно бројките што треба да им бидат презентирани на граѓаните. Така, Институтот „Роберт Кох“ имал модел според кој 0,56 проценти од заразените во Германија ќе умрат. А научник од Институтот „Лајбниц“ навел бројка од 1,2 проценти.
Весникот се обрати до надлежниот државен секретар Кербер, кој рекол дека владата сака да „спречи најлошо сценарио“. „Велт“ ги доби информациите со изнудување на преписката на суд од „тим адвокати“ кои потоа им ги предадоа на новинарите.