Делегатите на ЦДУ вчера го избраа премиерот на Северна Рајна-Вестфалија Армин Лашет за претседател на најсилната германска партија. Лашет се смета за умерен политичар, близок до канцеларката. Но, прашањето е дали тој ќе биде кандидат за канцелар, пишува Дојче веле.

Лашет доби 521 глас во вториот круг од гласањето, додека вториот конкурент, Фридрих Мерц, остана со 466 гласа.

Претходно, во првиот круг, никој од тројцата кандидати немаше апсолутно мнозинство. Мерц доби 385 гласа, Лашет 380, а Норберт Ретген 224 гласа.

На виртуелниот партиски конгрес на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) учествуваа 1.001 делегат. Поради законските формалности, делегатите ќе мора да ги ковертираат гласовите и да ги испратат по пошта. Официјално, Лашет ќе биде избран следната сабота (22 јануари).

По изборите, Лашет вчера изјави дека е „свесен за одговорноста“ и дека партијата се соочува со предизвикувачка година што треба да заврши со изборна победа.

Лашет (59) е премиер на најнаселената германска провинција Северна Рајна-Вестфалија и од 2012 година еден од петте потпретседатели на ЦДУ. Тој е еден од лојалните соработници на Ангела Меркел и Анегрет Крамп-Каренбауер, која сега заминува од челноот место во партијата по само две години.

Тој остана со канцеларката дури и за време на силните критики кон неа заради бегалската политика. Тие настани го вратија Фридрих Мерц во игра, стар конзервативец од ерата на Хелмут Кол, кој околу себе собираше неистомисленици во ЦДУ. Но, по вторпат, Мерц за малку ги губи партиските избори.

Армин Лашет е роден во Ахен, на крајниот запад на земјата. Од 1994 година беше пратеник во Бундестагот, Европскиот парламент и Покраинскиот парламент во Дизелдорф.

Во трката за шеф на демохристијаните, тој ја имаше важната поддршка од министерот за здравство, Јенс Шпан (40). За време на пандемијата, министерот стана еден од најпопуларните политичари во Германија, па се шпекулира дека тој има за цел да биде кандидат за канцелар – досега оваа привилегија секогаш му припаѓаше на оној што ја предводи партијата.

Турбуленциите се уште траат

Нервозата во ЦДУ сега е поголема затоа што долгогодишниот неприкосновен шеф на партијата и владата, Ангела Меркел се повлекува, по четири мандати како канцелар. Партијата дури на пролет ќе треба да одлучи кој ќе ги предводи во предизборната кампања во септември.

Меѓу гласачите најдобро котира човекот кој воопшто и не е член на ЦДУ- баварскиот премиер Маркус Зедер. Тој е шеф на Баварската христијанско-социјална унија (ЦСУ), провинциска партија која традиционално формира нераскинлива коалиција со ЦДУ.

Кој и да е кандидат на оваа опција, ќе ги има сите шанси да стане следен канцелар. За време на пандемиската криза, популарноста на ЦДУ се зголеми, а според последните анкети тие имаа 36-37 проценти, што е двојно повеќе од Зелените, како втора најсилна партија. Ако остане така, математички ќе биде невозможно да се има влада без ЦДУ.

Следните месеци ќе покажат дали Лашет е подготвен да ја остави кандидатурата за канцелар на некој друг. Што и да одлучи, тоа нема да помине без борба. Турбуленциите меѓу демохристијаните се уште не се завршени.