Судот во Истанбул во жалбената постапка ја потврди казната доживотен затвор за турскиот бизнисмен и филантроп Осман Кавала, обвинет за обид за уривање на владата, јавува Дојче Веле.
Судот ја потврди и 18-годишната затворска казна која беше изречена на крајот на април на уште седуммина обвинети.
Кавала беше осуден за „обид за соборување на владата“ на претседателот Реџеп Тајип Ердоган преку финансирање антивладини протести во 2013 година, а пресудата може да биде обжалена пред турскиот Врховен суд.
Со пресудата во април, Судот одлучи да го ослободи Кавала, кој беше уапсен на крајот на 2017 година, од обвиненијата за шпионажа поради недостиг на докази.
Советот на Европа постојано ја повикува Турција веднаш да го ослободи Кавала откако Европскиот суд во Стразбур пресуди дека Анкара ги прекршила неговите човекови права во маратонскиот судски процес.