Претседателката на Синдикалната организација на поштенски работници – КСС, Соња Дојчиновска-Јанакиевска, вели дека за неодамнешниот штрајк во „Пошта“ свесно направила пакт со другите два синдиката – и двата, како што нагласува, обоени во боите на ССМ. Целта, посочува таа, била јасна и, верувала, благородна: да се зацврсти заедничката борба, да се извадат работниците од поштенскиот жив песок во кој со години тонат и, конечно, да се отвори пат кон суштински промени. Но, како што потенцира, уште на првите заеднички бебешки чекори, ССМ по којзнае кој пат покажал дека е подготвен да гази врз телата на работниците, само за да ги реализира сопствените политички и материјални амбиции.
– Како претседател на СОПР-КСС свесно направив пакт со другите два синдиката – и двата обоени во боите на ССМ. Со истите оние што со години ми правеа тортура, ме камшикуваа и ме притискаа, рака под рака со тогашните владејачки структури и нивните извршители во поштенскиот менаџмент. Со други зборови – направив пакт со ѓаволот. Не од слабост. Туку од убедување дека повисоката цел е поважна од личната неправда. Поважна од моите рани и лузни, нанесени токму од овие луѓе – бедно маскирани како синдикалци – вели таа во изјава за МИА.
Целта, нагласува, ѝ била јасна и, како што верува, благородна: да се зацврсти заедничката борба, да се извадат работниците од поштенскиот жив песок во кој со години тонат и, конечно, да се отвори пат кон суштински промени.
– Особено сега, кога по повеќе од дваесет години, првпат се појави светлина во поштенскиот тунел. Си реков – не нè чекаат мали чекори, туку големи предизвици. Си реков – можеби, конечно, доаѓа време за вистински пресврт, за заедништво. Но ѓаволот очигледно само привремено ги криел роговите. Уште на првите заеднички бебешки чекори, ССМ по којзнае кој пат покажа дека е подготвен да гази врз телата на работниците како врз калдрма – само за да ги реализира сопствените политички и материјални амбиции. Без трошка двоумење. Без морална кочница. Без почит кон работникот, чие име треба да им биде свето, бидејќи луксузот со кој со децении се разметнуваат е натопен со работничка пот и крв. И не – ова не е недоразбирање. Не е инцидент. Ова е кодирана матрица: да се присвои, да се измами, да се изглуми. Кога синдикатот ја жртвува работничката борба за лични и политички цели, тоа веќе не е синдикализам. Тоа е бескрупулозност – вели Дојчиновска-Јанакиевска.
Според неа, првиот историски момент на вистинско здружување на поштенските синдикати – момент што требало да биде симбол на сила, зрелост и колективна борба, бил оцрнет и убиен.
– Но не од страна на работодавачот, туку од страна на оној што сам себе се нарекува прв синдикалец. Без почит кон договорот. Без грижа дека цехот повторно ќе го плати работникот – со грбот, со маката, со достоинството. Дојде како узурпатор. Се појави како да е најавен, очекуван и посакуван, а всушност беше патник без билет, кој безобразно се однесува како капетан. За камера. За наслов. Да, физички импресивен – можеби и два метра висок. Но висината не прави голем синдикалец. Само висок човек. Голем синдикалец е оној што знае да застане чекор назад за работникот да застане чекор напред. Оној што се подметнува себеси за работникот да се искачи повисоко, а не оној што го користи работникот како скалило. Ова не беше грешка. Ова беше демонстрација на моќ. Порака дека за ССМ и неговото раководство, работниците се само бројка и членарина – декор. Скала што се користи кога треба да се качиш на сцената. Еклатантен пример дека целта не е заштита на работничките права, туку контрола врз работничкиот глас. Не солидарност – туку доминација – нагласува претседателката на Синдикалната организација на поштенските работници – КСС.
Според неа, кога некој ќе си дозволи да киднапира заеднички договорен протест, да го приватизира колективниот гнев и да го претвори во лична промоција, тогаш нема дилеми дека тоа не е синдикализам, туку синдикален вампиризам.
– Поради ваквите, избледува значењето на зборот синдикализам. Поради ваквите, првпат се засрамив што сум синдикалец – плашејќи се дека некој утре ќе ме изедначи со нив. Глумат спасувачи додека ја цицаат работничката крв – вели Дојчиновска-Јанакиевска.




