Велат не нема, ама еве сме! Ја прифатив поканата да бидам кандидат на листата на партијата СНС (Словенска национална странка – единствената партија во Словенија која не го признава Преспанскиот договор и негирањето на македонската нација од страна на Грчката во истиот) за престојните избори во Европски парламент, вели Андреј Дочински, кандидат за европратеник од Словенија.
– Јас сум Словенец со македонско потекло. Роден сум во Љубљана и сум државјанин на ЕУ. Дипломирав на Универзитетот во Марибор, моментално сум вработен во Универзитетскиот клинички центар во Љубљана – најголемата државна болница во Словенија, и ја обавувам функцијата претседател на Синдикатот за здравство во Словенија, вели во своето обраќање Дочински.
Тој додава „сигурно веќе знаете зошто се претставувам“.
– Понесен од состојбата во која се наоѓа Република Македонија, како и бројните секојдневни предизвици со кои се соочува, чувствувам силна потреба од континуирани активности со цел вокализирање на македонското прашање.
Многумина од вас кои веќе ме знаат мене и моите минатите активности поврзани со македонската кауза (бев меѓу организаторите на двата протеста со поддршка на името на Република Македонија во 2018 година во Љубљана и Крањ), како и другите заедници во Словенија, можат да сведочат за мојата посветеност кон бранење на човековите права. Претпочитам сплотено делување, наспроти поделби, затоа што само така сметам дека се постигнува успех, вели Дочински.
Натаму објаснува зошто ја прифатил поканата да бидам кандидат на листата на партијата СНС која не го признава Перспанскиот договор.
– Ја прифатив поканата бидејќи цврсто сум убеден дека сега е време на сплотеност, а не поделби. Сега е време на активно делување, а не пасивно. Го прифатив предизвикот и пред се, си ветив сам на себе дека ќе продолжам да делувам како и до сега: На прво место за Словенија и моите сограѓани Словенци, но како и за сите моите сограѓани Македонци, Срби, Бошњаци, Црногорци… Во ЕУ мора да има место да се чује и уважува и гласот на „малите“ народи, како што сме Словенци и Македонци, под исти услови како што важат и за другите, вели во обраќањето Дочински.
Тој бара поддршка од сите кои се поистоветуваат со неговите ставови изнесени погоре.
– Барам поддршка од сите вас кои цврсто верувате дека европските темели на демократија мора да се изградат врз правото на самоопределување на сите народи и со безусловна почит, а не негирање на меѓусебните разлики, бидејќи само на тој начин, заедно ќе ја изградиме демократска Европа која се базира врз основа на правдата. Ве поканувам сите што имате право на глас во Република Словенија, гласајте за број 5, СНС- Словенска национална странка, порачува кандидатот за европратеник, Андреј Дочински.